Лоши сигнали пред разговорите: Кремљ против примирје, аналитичари предупредуваат на неповолен исход за Украина

Разговорот Путин–Трамп и одбивањето на привремено примирје ги засилуваат стравувањата дека Киев влегува во преговори од ослабена позиција

Телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, одржан непосредно пред средбата на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски, отвори сериозни дилеми околу насоката во која се движат мировните напори за Украина. Кремљ јавно соопшти дека Москва и Вашингтон не го поддржуваат европско-украинскиот предлог за привремено примирје, оценувајќи дека таквиот чекор само би го продолжил конфликтот.

Советникот на Кремљ за надворешна политика Јуриј Ушаков изјави дека разговорот меѓу Путин и Трамп траел повеќе од еден час и дека двајцата лидери имале „слични погледи“ во однос на тоа дека привременото примирје, без јасно политичко решение, носи ризик од обновување на војната. Според Москва, Киев треба да донесе „храбра одлука“ за Донбас, што во суштина значи повлекување на украинските сили од преостанатите територии што сè уште не се под руска контрола.

Русија во моментов контролира околу 90 проценти од Донбас и приближно една петтина од територијата на Украина, а оваа позиција дополнително ја зајакнува нејзината преговарачка моќ.

Во таков контекст, надворешнополитичкиот аналитичар и поранешен хрватски амбасадор во Русија, Божо Ковачевиќ, оценува дека настаните во пресрет на средбата Зеленски–Трамп се „лош предзнак“ за Украина. Во анализа за RTL Данас, тој посочува дека досега директни преговори со Русија водел исклучиво Трамп, односно неговите преговарачи, додека Украина и Европа сè уште се обидуваат да формулираат заедничка платформа.

Според Ковачевиќ, Европа и Киев се наоѓаат во парадоксална ситуација – се обидуваат да предложат мировен план што Русија веројатно би го одбила, со цел Трамп да заклучи дека договор со Москва не е можен. Но, паралелно со тоа, интензивните контакти меѓу Вашингтон и Москва ја поткопуваат таа стратегија.

Особено чувствителни точки во преговорите остануваат територијата и безбедносните гаранции. Зеленски инсистира на цврсти безбедносни гаранции по евентуално примирје, па дури и индиректно се повикува на членот 5 од НАТО. Сепак, Ковачевиќ потсетува дека Украина веќе има лошо искуство со вакви гаранции, конкретно со Будимпештанскиот меморандум од 1994 година, кој не ја спречи руската инвазија.

Дополнително, тој укажува дека членот 5 од НАТО не подразбира автоматска воена реакција и дека дури и кај земјите-членки постојат дилеми дали САД секогаш би реагирале, особено ако тоа не е во директен американски интерес. Во тој контекст, безбедносните гаранции за држава што не е членка на НАТО, како Украина, се уште понесигурни.

Прашањето за територијата, според аналитичарот, е „прашање на сите прашања“. Иако Зеленски предложи можност за референдум за евентуално откажување од дел од територијата, токму тоа е делот околу кој нема договор. „Она што не е договорено е најважното“, вели Ковачевиќ, оценувајќи дека Украина и Русија тука се наоѓаат во ќорсокак.

Сè на сè, сигналите што доаѓаат од Москва и анализите на дипломатските кругови укажуваат дека Украина влегува во најкритичната фаза од можните мировни преговори со сериозен ризик да биде притисната да прифати решение кое нема да ги задоволи ниту нејзините безбедносни, ниту територијални интереси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни