Лоша вест за Temu и Shein: ЕУ наскоро воведува удар врз евтината кинеска стока

Министрите за финансии на Европската унија денес постигнаа договор што отвора пат веќе следната година да се воведат царини на мали пакети, со цел да се ограничи увозот на евтина кинеска стока – чекор што директно ќе ги погоди интернет-платформите како Shein и Temu.

Договорот постигнат на состанокот во Брисел предвидува царините да стапат во сила „најрано во 2026 година“, а следен чекор е почетокот на преговорите со Европскиот парламент, чија согласност е неопходна.

Укинување на „de minimis“ изземањето

Еврокомесарот за трговија Марош Шефчович им предложи на министрите да се укине изземањето „de minimis“, кое важи за онлајн-нарачки со вредност под 150 евра. Според предлогот, ова изземање треба да се укине во првиот квартал од 2026 година – две години порано од првично планираното.

„Изземањето треба да се замени со поедноставена привремена царина“, нагласи Шефчович.

Експлозија на мали пратки од Кина

Платформи како Shein, Temu, AliExpress и Amazon Haul, кои испорачуваат производи директно од кинески компании, нудат исклучително ниски цени, делумно благодарение на тоа што голем дел од пратките не подлежат на царина. Европските компании тврдат дека ова создава нелојална конкуренција и вршат сериозен притисок врз Европската комисија да реагира.

Минатата година бројот на пратки со мала вредност кои влегле во ЕУ се удвоил и достигнал 4,6 милијарди – од кои повеќе од 90 проценти пристигнале од Кина.

Паралелно, САД веќе ја укинаа својата политика „de minimis“ за пакети до 800 долари, што предизвикува загриженост дека приливот на евтина кинеска стока дополнително ќе се пренасочи кон Европа.

Европските институции сега се под зголемен притисок да го забрзаат процесот и да го заштитат европскиот пазар од неконтролираната конкуренција на ултра-евтините производи од азиските платформи.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни