Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Македонија ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа за современ танц и кореографија, која обединува институции и уметници од Франција и Балканот. Настанот е инициран од CN D – Centre national de la danse и ќе се одржи во Витри-сир-Сен, на повеќе културни локации, со дополнително онлајн издание што започнува од март 2026 година.
Canal 2026 поврзува 10 француски танцови институции и шест институции од Балканот, меѓу кои и од Грција, Словенија, Бугарија и Македонија. Во рамки на програмата ќе бидат претставени 32 уметнички тима преку перформанси, уметнички извадоци, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на тековни и идни проекти.
Присуство на Локомотива
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе го презентира работењето на организацијата и ќе ги претстави кореографките и танчерки Викторија Илиоска и Тереза Лазарев, активни дел од современата танцова сцена во Македонија.
Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на панел-дискусија посветена на специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот, која ќе се одржи во петок, 30 јануари, во музејот MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne.
Уметнички презентации од Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи го и проектот Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот простор како заедничка инфраструктура. Проектот е развиен во контекст на кратења во културата и екстрактивни економии, при што публиката не е пасивен набљудувач, туку активен дел од ситуацијата. Делото поставува прашање за колективната подготвеност и телесната издржливост во услови на неизвесна иднина.
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса и проектот Passionate Animal, кореографско истражување што ја испитува врската меѓу колективната меморија и личната танцова меморија, како и трансформацијата на телото во услови на нестабилност и колапс. Во рамки на презентацијата, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Поддршка и партнерства
Активноста е поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, во партнерство со CN D – Centre national de la danse и Театроскоп, програма иницирана од Францускиот институт и француските државни институции. Содржината на текстот не ги одразува нужно ставовите на донаторите.
