Локалните избори 2025 година – Жените се бројки, мажите се власт

Од вкупно 309 кандидати во првиот круг на изборите, само 32 беа жени, што претставува скромни 10,35%. Во првиот круг беа избрани 44 градоначалници, а само една од нив е жена – што е само 2,2% родова застапеност.

По првиот круг на локалните избори, родовата застапеност повторно доби поразителна слика: само една жена беше избрана за градоначалничка во првиот круг – Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја предводи општина Кисела Вода.

Од вкупно 309 кандидати, само 32 беа жени, што претставува скромни 10,35%. Во првиот круг беа избрани 44 градоначалници, а само една од нив е жена – што е само 2,2% родова застапеност.

Во вториот изборен круг се пласираа уште три кандидатки: Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) во Неготино, Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) во Демир Капија и Соња Стаменкова (СДСМ) – Македонска Каменица

Најмногу жени-кандидати (три) имаше во Прилеп, додека по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и Центар. Сите изгубија од противкандидати мажи. Во голем број општини пак женски кандидати немаше воопшто.

Иако бројот на жени во политиката на национално ниво е зголемен преку изборни квоти, на локално ниво жените и понатаму се речиси целосно отсутни, што укажува на длабоки системски и културни пречки кои не може да се надминат само со законски норми.

Жените на маргините во политиката во Македонија

И покрај формалниот напредок во родовата застапеност преку изборни квоти, жените во Македонија и понатаму се маргинализирани кога станува збор за реална политичка моќ и влијание.

Во парламентот, благодарение на квотите од Изборниот законик, жените сочинуваат 42,5% од пратениците. Меѓутоа, таа бројка не се одразува и во владата, каде што само 15% од министрите се жени (2024). На локално ниво, ситуацијата е уште поалармантна. Во минатиот состав само две од 80 градоначалници беа жени.

Жените се често присутни во јавната администрација (56,8% од вработените), но главно на пониски и средни позиции. На раководните места и понатаму доминираат мажи – посебно во министерства, општини и јавни претпријатија.

Дополнително, на жените најчесто им се доделуваат ресори поврзани со „грижа“ (образование, култура, труд и социјала), додека останатите сектори ретко се предводени од жени. Не постојат квоти за министерски позиции, а мандатите на жените во извршната власт често се куси и нестабилни.

Светски искуства

Шведска и Финска

Во Шведска, жените имаат околу 42,9% застапеност во општинските совети, додека во Финска тоа ниво е околу 40%. Овие земји покажуваат дека со системски политики, родовочувствителна култура и институционална поддршка, може да се постигне речиси еднаква застапеност меѓу жените и мажите на локално ниво. Важно е што во овие земји жените не само што се дел од советите, туку се присутни и на клучни извршни позиции.

Западна Европа: Франција и Шпанија

Во Франција, жените сочинуваат 42,1% од советниците на локално ниво. Во Шпанија, исто така, жените се застапени со над 40% во локалните совети. Овие резултати се постигнати со воведување на законски квоти, мерки за еднакво кандидирање и политичка волја да се подобри родовата рамнотежа. Овие земји се добар пример за тоа како квотите, ако се доследно применети, можат да резултираат со реална застапеност, не само симболична.

Широки европски податоци

Во просек, жените сочинуваат околу 34,5% од членовите на локалните и општински совети во Европската Унија. Но, кога станува збор за извршна власт на локално ниво – жените-градоначалнички, бројката драстично паѓа. Само околу 15% од градоначалниците во ЕУ се жени.

Искуството на соседите

Во Албанија, на изборите во 2019 година, жените освоија околу 44% од местата во општинските совети. Но, само 8 од 61 општина имаат жени градоначалнички, што е околу 13%. Во владата на Edi Rama (четврти мандат) има 8 жени‑министри и 8 мажи‑министри, од вкупно 16 члена кабинет. Во Србија, жените сочинуваат околу 36,4% од пратениците во националниот парламент. Но, на локално ниво, само 17 од 145 општини имаат жена на чело, и само 5 од 29 градови се водени од жена. На последните избори во Хрватска од вкупно 555 градови и општини, 79 се водени од жени. Во одредени области и општини, нивото на застапеност на жените останува под 30%. Словенија има една од најниските стапки на жени-градоначалнички во ЕУ. На изборите во 2022 година, само 13,68% од општините беа водени од жени, додека жените сочинуваа околу 35% од членовите на општинските совети.

Бројки без моќ

Родовата еднаквост во локалната и извршната власт во Европа покажува нерамномерен напредок – додека некои држави, особено северноевропските, се приближуваат до родов баланс, други, особено во Југоисточна Европа, сè уште се борат со длабоко вкоренети бариери.

Македонија е типичен пример за „бројки без моќ“. Иако преку законски квоти се постигнува застапеност на жените во Собранието (над 40%), на локално и извршно ниво тие речиси се невидливи. Само една жена беше избрана за градоначалничка во првиот круг на локалните избори 2025, што претставува поразителни 2.2% од избраните. Од вкупно 309 кандидати за градоначалници – само 32 беа жени. Извршната власт на централно ниво не е поразлична – само 15% од министерските позиции ги имаат жени.

Жените често се ставаат во „социјални“ ресори и исклучуваат од клучни сектори како економија, енергетика и одбрана. Политиката, како и власта, остануваат машка територија.

Потребна е не само законска, туку длабока културна трансформација. Македонија има потенцијал, но за вистинска родова еднаквост – потребна е системска, храбра и одржлива промена. Без жените во клучните позиции, демократијата останува непотполна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни