Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, официјално ги распиша редовните локални избори што ќе се одржат на 29 март во девет единици на локалната самоуправа, пренесуваат српските медиуми. Одлуката беше потпишана во Домот на Народното собрание, со што започнуваат изборните рокови и активности.
Избори ќе се одржат во градот Бор и во општините Аранѓеловац, Бајина Башта, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек и Смедеревска Паланка. Брнабиќ посочи дека одлуката е донесена согласно член 34 од Законот за локални избори, кој ги регулира роковите и процедурите за распишување избори.
Претходните локални избори во овие општини се одржаа на 3 април 2022 година, а советниците се избираат со четиригодишен мандат. Според законските одредби, изборите мора да се одржат најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот, додека периодот од распишувањето до одржувањето на гласањето не смее да биде пократок од 45, ниту подолг од 60 дена.
Со донесувањето на одлуката се утврдува и почетокот на роковите за сите изборни дејствија, кои ќе се спроведуваат во наредниот период.