Од вкупно 38 општини на Косово, во 21 општина изборите за градоначалници завршија во првиот круг на гласање што се одржа во неделата.
Во Урошевац, Агим Аљиу од Демократската партија на Косово (ДПК) повторно победи со над 56% од гласовите. Во Липљан, Имри Ахмети од Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) освои повеќе од 51% и победи без втор круг. Шпејтим Булиќи од движењето Самоопределување победи во Подуєво со повеќе од 53% од гласовите. Во Србица, Сами Љуштаку од ДПК убедливо победи со над 83% од гласовите. Во Каменица, Кадри Рахимај од Самоопределување освои повеќе од 50% од гласовите. Во Исток, Илир Ферати од ДСК победи со 58%. Штимље го освои Самоопределување со кандидатот Ќемајл Али со над 50%.
Во Малишево победи Екрем Кастрати од Социјалдемократската иницијатива со над 53%. Во Дечани, Башким Рамосај од Алијансата за иднина на Косово победи со над 51%. Во Глоговац победи Рамиз Ладровци од група на граѓани, со над 52%. Во Ѓенерал Јанковиќ победи Мехмет Балази од ДПК со над 50%. Во Мамуша победи Абдулахади Красниќи од Турската демократска партија на Косово (КДТП), исто така со над 50%.
Српска листа победи во 9 општини
Трката заврши и во четири општини со српско мнозинство: Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде победија кандидатите на Српска листа — најголемата српска партија на Косово, поддржана од Белград.
Српска листа победи и во Ново Брдо, Штрпце, Грачаница, Ранилуг и Партеш.
Втор круг на 9 ноември
Во преостанатите 17 општини ќе се одржи втор круг на избори на 9 ноември.
Некои од клучните трки се:
- Приштина: Перпарим Рама (ДСК) против Хајрула Чеку (Самоопределување)
- Призрен: Шаќир Тотај (ДПК) против Артан Абраши
- Пеќ: Газменд Мухакшери (ДСК) против Таулант Кељменди (Самоопределување)
- Јуник: Ружди Шеху (ДСК) против Агрон Кучи (ААK)
- Драгаш: Беџет Џеладини (ДСК) против Шабан Шабани (ДПК)
- Ѓаковица: Ардиан Ѓини (ААK) против Ардиан Гола (Самоопределување)
- Качаник: Сабедин Виши (ДПК) против Јетон Рака (Самоопределување)
- Косово Поле: Валон Пребрезе (Самоопределување) против Бесник Османи (ДСК)
- Јужна Митровица: Аријан Тахири (ДПК) против Фатон Пеќи (Самоопределување)
- Ораховац: Смајл Латифи (ААK) против Али Дула (Самоопределување)
- Сува Река: Балија Мухаремај (ААK) против Ардијана Шале (ДСК)
- Гњилане: Албан Хисени (Самоопределување) против Арбер Исмајли (ДСК)
- Витина: Сокол Халити (ДСК) против Арсим Адеми (Самоопределување)
- Вучитрн: Ферит Идризи (ДПК) против Сулејман Мехоли (Самоопределување)
- Обилиќ: Џафер Гаши (ДСК) против Халил Тачи (Самоопределување)
- Клина: Зенун Елезај (ААK) против Сокол Башота (ДПК)
- Клокот: Божидар Дејановиќ (Српска листа) против Среќко Спасиќ (Српска народна слога)
Излезност и технички детали
Излезноста на изборите изнесувала 39%. Право на глас имале 2.069.098 граѓани, од кои околу 44.000 имале можност да гласаат по пошта од странство (од 17 септември до 11 октомври). Изборниот ден помина мирно, без поголеми инциденти. Иако Централната изборна комисија најави објава на прелиминарни резултати уште во неделата, истите сè уште не беа објавени во моментот на пишување.