За справување со пожарот од ЦУК информираа дека беа активирани сите расположливи државни ресурси: два авиони-ератрактори, еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, како и единиците на пожарникарите од Скопје, кои со висока професионалност успеаја да ја локализираат жариштето.
Екипите остануваат на терен за следење на ситуацијата до целосно гаснење на пожарот и за спречување на евентуално повторно активирање.
Претходно денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов рече дека пожарот избил денеска, околу 13 часот и додаде оти се работи за силен пожар за кој, како што рече, има индиции дека е намерно подметнат бидејќи одеднаш се разви поголема линија во долот.
„Поради ветерот кој дуваше, пожарот се ширеше со голема брзина. Скопската противпожарна бригада итно излезе на терен со неколку возила, а и помогнаа два пинцгауери на ДЗС, управувани од полицајци од ЕБР. Но, поради опасноста да биде зафатено и селото Батинци, бидејќи пожарот се движеше во насока на Батинци, по барање на директорот на ЦУК Муахмед Али испративме и еден хеликоптер на МВР, како и два ер трактори на Дирекцијата кои помогнаа во брзо воспоставување контрола над овој пожар. Имаме целосна контрола врз пожарот. Има горење уште во долот зад мене, но продолжуваат со дејство ер тракторите и хеликоптерот. Верувам дека набргу ќе биде ставен под апсолутна контрола, а набргу потоа и целосно изгаснат“, изјави од терен директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.