Две книги на Ана Јовковска за неколку месеци… Пред три месеци излезе нејзината збирка разговори „Уметноста на дијалогот“ чиј издавач е Институтот за македонска литература, а овој пат сме во очи на промоцијата на илустрираната книга за деца „Љубов во топка“ во издание на „Едиција Светулка“. Покрај авторката, Ана Јовковска, на ова издание се потпишува и Иванка Ниба, автор на илустрациите. Промоцијата е закажана за 11 април во 19 часот во културниот центар „Јадро“ во Дебар Маало. Промотор ќе биде професорот и писател Владимир Мартиновски.
Трн: Како се надеваш дека твојата книга „Љубов во топка” ќе помогне во подигањето на свеста за врсничкото насилство (булинг) кај децата и нивните родители?
Ана: Голема задача беше за мене кога пред една година решив дека мојата нова книга за деца ќе ја обработува темата за врсничкото насилство како еден од најгорчливите проблеми на денешното општество. Да се пишува за булингот и за најкревките емоции на децата, значи да се понесе одговорност да се разберат комплексните ситуации во детската комуникација и психологија. Речиси и да нема дете и родител кои не се соочиле со некакво насилство во процесот на растењето. Насилството има различни форми, вербално, психолошко, економско… па сè до најбруталниот вид – физичкото насилство. Честопати знае да биде скриено во „свилени ракавици“ и да не биде навреме препознаено, иако низ таквата подмолна форма континуирано го разорува кревкото детско срце.
Кога почнав да ја создавам приказната во глава, многу набљудував. Детските игралишта, паркот, школските дворови, градинките… сите овие места ми откриваа скриени приказни кои чекаа да го добијат својот глас. Сепак, не пишував со илузија дека оваа сликовница ќе понуди инстант решение на еден толку комплексен проблем, но важно ми беше да се отвораат теми и приказни кои ќе ја сензибилизираат јавноста за проблемите кои понекогаш ги туракме под чергиче. Добрата детска литература разоткрива наместо да диктира, поттикнува чувства и размисли неместо да пропагира. Важно ми беше да допрам до емоциите на децата, да ги охрабрам да кажат како се чувствуваат и да ги поттикнам да размислуваат со своја глава. Се надевам дека оваа книгичка ќе ја има силата да ги сензибилизира децата, но и родителите и возрасните. Нарацијата е повеќеслојна, па некои пораки, под површината, се наменети токму за родителите и наставниците. И она што е најважно, „Љубов во топка“ е, всушност, приказна за пријателството и емпатијата. Книга за сопствениот глас. Книга за храброста да кажеме како се чувствуваме. Книга за тагата и за радоста. Книга за можноста секое дете да биде херој или хероина со својата добрина.
Трн: Кои совети би ги дале на родителите за да ги спречат или да реагираат на случаите на врсничко насилство во училишната средина?
Ана: Да разговараат со своите деца! Да поминуваат квалитетно време заедно. Преку игра да детектираат што, всушност, се случува во главчето на овие мали (збунети) љубопитни суштества. Да ги слушаат внимателно. Да им дадат доволно простор да покажат како вистински се чувствуваат. Да им ја уважат тагата како легитимна емоција. Да не ги судат, туку да пробаат да разберат. Да не ги критикуваат децата и да не лепат етикети на нивната личност во формирање. И на жртвата и на насилникот им е потребна подадена рака. Љубовта е клучното решение за проблемот на врсничкото насилство.
Трн: Како може книгата да биде корисна за разговор со децата за проблемите на булингот и како да се носат со нив?
Ана: Литературата и уметноста имаат моќ да допрат онаму каде што формалното образование не секогаш може. Секоја реченица во приказната и секој цртеж, секоја илустрација во книгата е отворено поле за дискусија. Со спојот на книжевното и визуленото, „Љубов во топка“ отвора цел еден психолошки свет на децата. Сликовницата нуди и интерактивен пристап, со повремена интервенција во текстот со прашања што ги насочив директно до најмалите читатели. Целта е додека родителот (или кој било друг возрасен) му чита на детето, наместо само пасивна рецепција на приказната, детето да може да се вклучува со одговарање на поставените прашања и на тој начин да ги изрази своите чувства, како и да се поттикнува проблемски да размислува. Содржината на книгата е соодветна и за помали и за поголеми деца, па ќе има и такви кои ќе можат и сами да си ја читаат.
Трн: Дали си искусила ситуации со булинг во своето лично или родителско искуство, и како си реагирала на нив?
Ана: Личното искуство е честа инспирација и референца во творечкиот процес. Во моето детство пред повеќе од 30 години, врсничкото насилство не беше толку препознаено и именувано, а веројатно и не било толку честа појава. Немоќни да се справат со малите насилници, кои понекогаш без причини ќе ни влепеа шлаканица, наставничките знаеа да кажат дека така растат децата. Сепак, треба да разликуваме повремена, односно инцидентна ескалација на конфликтите меѓу децата, нешто што е вообичаено за нивна возраст, од намерното и континуирано малтретирање на едно врз друго дете, или една група на деца. Нормализирањето на насилството значи негово легитимирање. Булингот е една од најподмолните болести на денешното општество. Кариес што ровари и крвари. Не смееме да дозволиме насилтвото да биде корен во растењето на нашите никулци – децата. За мене, сега зборувам како родител, а не како авторка, клучна борба во едно општество е наоѓањето на коренот на секој вид на насилство, превенирање и навремено реагирање да се спречи. Потребни се системски решенија, а литературата и уметноста се дополнителни канали што можат да помогнат за подобрување на менаталното здравје на децата и младите.
Трн: Дали главниот лик во книгата е креиран од лично искуство?
Ана: Главниот лик во книгата е комбинација од многу детски ликови кои ми се блиски. Во оваа сликовница, има и еден навидум спореден женски лик (девојче со пречки во говорот) кој на крајот избива во главна хероина во приказната. Не би откривала повеќе…