Љубовни пораки од антиката: нова технологија откри скриени графити во Помпеја

Со напредна технологија научниците открија десетици досега невидени графити во Помпеја – љубовни пораки, навреди и сцени од секојдневниот живот.

Научниците открија речиси 80 досега невидени натписи на ѕидовите на античкиот римски град Помпеја, користејќи нова технологија за снимање.

Љубовни пораки, сцени од гладијаторски борби, навреди и секојдневни признанија повторно се појавија на ѕидовите на Помпеја благодарение на напредна техника која открила траги што со векови биле невидливи за човечкото око.

Град замрзнат во времето

Некогаш просперитетниот римски град во близина на Неапол бил затрупан од ерупцијата на Везув во 79 година, при што под метри вулканска пепел останале сочувани згради, предмети и графити.

Повторно откриен во 18 век, Помпеја денес е едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во светот.

Неочекувано откритие во „ходникот на шепотењата“

Најновите натписи биле пронајдени врежани во малтерот на долг ходник кој ги поврзува помпејските театри со прометната градска улица Виа Стабијана – простор кој бил откриен уште пред повеќе од 230 години и се сметал за темелно истражен.

Археолозите користеле компјутерска фотографска метода позната како Reflectance Transformation Imaging (RTI), која го снима објектот под повеќе агли на осветлување и овозможува откривање на слаби гребнатини и натписи, невидливи поради вековна ерозија.

Иако не очекувале нови наоди, истражувачите идентификувале околу 300 натписи, од кои 79 се целосно нови.

Антички гласови што повторно проговорија

Проектот наречен „шепотењата на ходникот“ го развиле научниците Луи Отен и Елоиз Летелје-Тајефер од Универзитетот Сорбона во Париз, како и Мари-Аделин Ле Генек од Универзитетот во Квебек, во соработка со властите на Помпеја.

„Оваа технологија е клуч што отвора нови простори на античкиот свет“, изјави Габриел Цухтригел, директор на археолошкиот комплекс, додавајќи дека повеќе од 10.000 познати натписи во Помпеја претставуваат „неизмерно културно наследство“.

Истражувачкиот тим развива и 3Д платформа која ќе ги комбинира фотограметријата, RTI-податоците и епиграфските метаподатоци, со цел целосна визуелизација и означување на графитите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни