Првото изгрејсонце во 2026 година на врвот Пелистер (2.601 м.н.в.) донесе повеќе од магични бои и свеж почеток. Искачувањето „Први на Први“ оваа година беше посебно, бидејќи на највисоката точка на планината Баба се случи романтичен момент кој сигурно ќе остане запаметен.
Екстремни услови – љубов без граници
Температурите достигнуваа -28°C, а силниот ветар дуваше со брзина од околу 50 km/h. Но тоа не беше пречка за планинарот Дарио Петровски, кој ја искористи оваа незаборавна можност и ја запроси својата сакана, Мишела Панајотова.
„Беше потребно многу повеќе сила за да се совладаат алпските климатски услови, но магичните бои на првото изгрејсонце во 2026 година беа совршена сцена за запросување на 2.601 м.н.в.“, изјави организаторот на традиционалното искачување.
Дарио и Мишела, искусни планинари кои живеат и работат во Германија, специјално се вратиле во Македонија за да учествуваат на „Први на Први“. Овој момент го одбележа овогодинешниот собир на првиот ден од годината, оставајќи незаборавен впечаток кај сите учесници.
Извор и Фото: Апла.мк
