Љубојно е една од најдалечните точки во земјава од Скопје. Под него е езерото, над него Баба планина. Место повеќе во историјата и сеќавањата, отколку во сегашноста. Мало, тивко место кое некогаш тргнало да станува градче, но го спречиле големи светски војни и граници за кои никој не ги прашал Љубанци.
Во Љубојно сами си направиле водовод и сами го одржуваат онолку колку можат. Летно време снемува вода, делумно затоа што со години на Баба не паѓа толку многу снег како порано, а делумно затоа што „има таму едни“ што ги вадат бавчите и градинчињата со вода од чешма – исто како и водата во Преспанското Езеро.
Љубанци се печалбари, многумина се во Америките, во Шведска, во Австралија. А, ако не се отидени таму некаде преку свет, отидени се во Битола и Скопје. Вторите се вртат постојани низ село – ги крепат куќите и работат по некое градинче со „јабока“ како и цела Преспа.

Пред месец дена дојдоа да им ја сечат шумата над селото. Со тешки камиони оделе над селото и сечеле „на голо“ цели парцели. Веднаш над каптажите на водоводот. Со тешки камиони со кои ги искршиле и цевките на водоводот. Безумно сечење по кое првиот посилен дожд го поплави средселото. Безумно, затоа што го соголуаат ридот на селото и кога тогаш, ерозијата ќе ја симне калта долу во селото , ќе загрози и куќи и луѓе и овоштарници.
Гола сеча што и го уништува хабитатот на мечката, Гола сеча што им го уништува хабитатот на Љубанци.

Љубанци беа малку подзаспани, што заради политичка поларизација, што заради табиетот. „Кој во клин, кој во плоча“ – така ми кажа Цик кога последен пат отидов таму. „Така сме со години, ама од ко излезе ова со шумата, ко да се разбудија селаниве. Еве, сега сами го чистат селово, сами се организираат и некако ми се поопулени за такви работи.“
На „полената“ како што го викаат средселото во Љубојно (а и во цела Преспа) трактор тегне исечени гранки кои ги оставиле на сред пат екипите на „електродистрибуција“ кога работеле во селото, а на секои дваесет метри има по една полна вреќе со отпад која чека истиот трактор да се врати и да ги собере.

Протестите се случуваат секој ден на исто место: кај старата полиција на патот што оди накај манастирот Свети Петар и Павле (и манастирот сами си го направиле). Околу кубик и пол песок истурен на сокакот е „барикадата“ со која Љубанци ја штитат шумата. За тоа ги казни полиција и солидарно собраа пари и ја платија казната, ама барикадата остана.
Се гледаме на протестот, ама како прв пат да се гледаме. Како да се разбудиле од некој долг сон, како да завршила некоја лоша анестезија и сега сите се мамурни и со главоболка, ама будни. Ококорени. Изнервирани зошто некој дошол да го уништува она кое тие со генерации го чувале.

Љубанци, по долго време повеќе се во сегашноста отколку во приказните и митовите на историјата и сеќавањата. Живеат овде и сега. Се борат заедно, се организираат заедно и по долго време – живеат заедно.
Голема е веројатноста дека таму веќе се мотаат разни типови кои им нудат ѕвонци и огледалца со кои сакаат повторно да ги заспијат. Повторно да ги анестезираат. Да ги замолчат за шумата, за канализацијата, за струјата… Се надевам дека нема да успеат во тоа. Се надевам дека ќе им го „покажат џадето“ и ќе продолжат да живеат како разбудена заедница која се грижи за себе.