Лизгањето на земјиштето на Водно – симптом на системскиот урбанистички неуспех

Свлечиштето на Водно го разоткри деценискиот урбанистички и институционален неуспех во Скопје и ризиците што ги носи неконтролираната градба

Последните врнежи повторно го вратија на површина проблемот што со години се турка под тепих: активирањето на свлечиштето на падините на Водно, токму над улиците Белградска и Партеније Зографски. Урнатиот потпорен ѕид од јуни сè уште стои напуштен, теренот и понатаму се движи, а стравот меѓу жителите и вработените во Клиничкиот центар расте со секој нов дожд. Иако институциите редовно најавуваат „координација“, вистински интервенции на терен речиси и да нема.

Овој случај, како што предупредува проф. д-р Јосиф Јосифовски, декан на Градежниот факултет, не е изолиран инцидент, ниту пак е последица само на природни услови. Според него, Водно стана високоризична зона затоа што со години не се следеле основните проектни стандарди, ниту пак се преземале мерки за долготрајна стабилност на теренот.

„Во овој случај на Водно не се превземени сите неопходни мерки или поточно истите не се соодветни за да обезбедат долготрајна заштита на теренот од свлекување и со тоа загрозување на соседните објекти“, вели тој.

Јосифовски објаснува дека Македонија, како ридско-планинска земја, природно е подложна на ерозија, свлечишта и нестабилни косини, особено по периоди на обилни врнежи или топење снег. Но многу почесто причината не е во природата, туку во човекот. Според неговите долгорочни професионални согледувања, околу 90 проценти од свлечиштата во земјата се последица на антропогени грешки: несоодветни ископи, градби изведени без доволно внимание на стабилноста на теренот и игнорирање на потребата од потпорни системи. Водно, вели тој, е типичен пример за таков несоодветен урбанистички и инженерски пристап.

Постојат и официјални документи што го потврдуваат ова. Во 2022 година Градежниот факултет изработил стручно вештачење токму за истата косина кај објектот Тасино чешмиче, по наложба на Основниот суд Скопје. ИЗИИС, пак, уште во 2018 година на барање на Општина Центар подготвил извештај за состојбите на локацијата. И двата документи недвосмислено укажуваат на истото: прекумерната изграденост без соодветни заштитни мерки го прави теренот високоризичен и создава реална опасност од посериозно свлекување кое може да ги зафати околните објекти.

Посебно загрижува тоа што процедурите што треба да обезбедат безбедност, како изработка на основен проект со проверка на глобална стабилност, очигледно не се спроведени како што налагаат правилата. Според професорот, при градба на сложени терени мора да се предвидат мерки како потпорни ѕидови, анкерни системи и детални решенија за заштита на градежните јами. Дополнително, клучен елемент е системот за одводнување на подземните и атмосферските води, затоа што токму тие најчесто ги активираат свлечиштата. Но на теренот над Белградска и Партеније Зографски овие решенија не се видливи, а последиците веќе се појавуваат.

Јосифовски укажува дека без системски пристап проблемот нема да се реши. Потребна е студија што ќе го процени ризикот, проектирање комплетен систем што ќе ги собира и евакуира водите од локацијата, конструктивни мерки на косината, како и хортикултурно решение што ќе спречи ерозија. Тоа, вели тој, се основни инженерски принципи што секој градежен инженер ги учи, но „зошто ретко се применуваат, не можам точно да ви одговорам.“

Опасноста дополнително ја зголемува фактот што градежните активности во пошироката зона сè уште не се стопирани.

„Сега е потребно да се сопре со сите градежни активности… и итно да излезат на терен инспекциски екипи од општината, како и експертски тимови од Градежниот факултет“, вели професорот, предупредувајќи дека периодите на интензивни врнежи што следат може да ја влошат состојбата.

Институциите реагираа со итна седница во ЦУК, но останува отворено прашањето дали државниот апарат навистина може да делува брзо и одлучно во ситуации што директно ја засегаат безбедноста на Скопје. Професорот смета дека потребно е да се формира поширока комисија која систематски ќе ги идентификува сите ризични косини во градот и ќе предложи конкретни мерки за нивна санација.

Клучната порака на оваа анализа е едноставна: Водно не е проблем што се појавил вчера. Тоа е резултат на децении недоволна контрола, игнорирани предупредувања и неусогласен урбанистички развој што ја поткопува безбедноста на градот. Свлечиштето не е само земја што се движи. Тоа е систем што попушта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни