Литванската премиерка денеска најави дека земјата ќе прогласи национална вонредна состојба поради сè поголемиот прилив на криумчарски балони што пристигнуваат од Белорусија. Според неа, ова е „најдобриот можен чекор“ во моментот, а владата веќе ја подготвува правната основа и документите. Вонредната состојба ќе им овозможи на владата и локалните власти да издвојат дополнителни ресурси за справување со заканата, а премиерката додаде дека „не се исклучуваат ни понатамошни чекори“.
Поради упадите на балоните, двете најголеми литвански аеродроми – во Вилнус и Каунас – неколку пати мораа привремено да го прекинат сообраќајот. Литванските власти тврдат дека балоните, кои достигнуваат височина до 10 километри, намерно се испраќаат во воздушните коридори на аеродромите и претставуваат напад врз цивилното воздухопловство. Балоните со цигари долго време се користат за криумчарење, но дури во последните месеци доведоа до затворање на аеродроми, пренесува „Euractiv“.
Литванија со години ја обвинува Белорусија – блискиот сојузник на Русија – за организирање хибридна војна. Активностите се засилија во октомври, по што Литванија ги затвори двата гранични премина со Белорусија. Минск потоа им забрани на литванските камиони да се движат низ земјата без претходно плаќање такса, што Вилнус го оцени како земање заложници. Илјадници литвански камиони и понатаму се заглавени во Белорусија.
Белорусија бара консултации со литванското МНР, но Литванија наместо тоа повикува на построги санкции против Минск. Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус и литванскиот министер за транспорт оваа недела разговараа за заканата од балоните, а денеска комесарот ќе се обрати и во литванското МНР во Вилнус.
