„Лирско интермецо“ на Љупка Галазка Василев во Ликовна Галерија Прилеп

Презентирани ќе бидат дваесетина дела, насликани во техника акрил и комбинирана техника на платно,создадени во последните неколку години

На 10 ти септември во 19 часот во Ликовната Галерија Прилеп, ќе биде отворена изложбата „Лирско интермецо“ Љупка Галазка Василев. Изложбата е колаж од сликарски секвенци преку кој се материјализираат нашите стравови , копнежи , желби и очекувања . Отсликување на човечката душа, нежна и кршлива а во исто време толку моќна.

Презентирани ќе бидат дваесетина дела,насликани во техника акрил и комбинирана техника на платно,создадени во последните неколку години.
„Творештвото на Љупка е суптилно и повеќеслојно, еднакво, како што и зрачи нејзиниот изглед. Делата на Галазка се помеѓу апстрактното и реалното, како во некој одреден миг да се спојуваат сонот и јавето. Нејзината палета ги поседува земјените тонови: окер, портокалова, кафена или жолта, претежно хармонизирани, но со јасни и видливи елементи на контрастни бои: сина, зелена или виолетова. Долго ги набљудувам сликите на Љупка забележувам дека низ мноштвото богати нијанси ѕиркаат децентни чипкасти, налик невестински детал и, обрабени со бела боја и благо заоблени. Сликарката умешно ги комбинира боите и цртежот, тонскиот фон и цртачкиот сегмент. Гледајќи ги нејзините дела констатирам дека станува збор за едно творештво во кое се вклучени сите елементи, кои чинат една раскошна композиција од бои, линии, преку тонови или тонски скали. Љупка умее суверено да владее со четката и просторот кој го нуди сликарското платно. Таа ги чувствува своите сликарски предели, кои напати делуваат мистично или тајновито, а всушност тоа се слики кои се гласни и звучни. Звукот кој произлегува од мистериозните видици и предели на делата од Љупка посакувам да го чуе Универзумот, на кој му припаѓаат сите можни и неможни бои, тонови и нијанси…Јас го чув. А вие? “ пишува Ивана Настески, м-р по графика и графички техники во освртот кон изложбата.
Љупка Галазка-Василев е родена 1979 година во Струмица. Дипломирала на Националаната Ликовна Академија во Софија. Живее и работи во Струмица како професор по ликовна уметност во средно училиште.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни