Линдзи Вон првпат се огласи по тешкиот пад на ЗОИ: Ме очекуваат повеќе операции

Линдзи Вон се огласи по тешкиот пад на ЗОИ 2026, откривајќи дека ја очекуваат повеќе операции и порачувајќи дека нема за што да жали.

Скијачката легенда Линдзи Вон (41) првпат јавно се огласи по тешкиот пад на Зимските олимписки игри 2026, порачувајќи дека „нема за што да жали“. Американката во понеделникот ја прекина тишината со објава на Instagram, само неколку часа откако доживеа тежок инцидент во финалето на спустот во Кортина д’Ампецо, по што со хеликоптер беше пренесена во болница.

„Мојот олимписки сон вчера не заврши онака како што го замислував“, напиша Вон. „Тоа не беше бајковит крај, ниту приказна од соништата – тоа беше живот. Се осмелив да сонувам и напорно работев за да го остварам тоа. Во спустот, разликата меѓу идеална линија и катастрофална повреда понекогаш изнесува само десет сантиметри.“

Таа објасни дека токму тие „десет сантиметри“, кога со скијачкиот стап закачила за вратата, довеле до ротација и пад. Вон нагласи дека претходните повреди и скинатите предни вкрстени лигаменти „немаат апсолутно никаква врска“ со несреќата.

Американката потврди дека има комплексна фрактура на потколеницата, која е хируршки санирана, но ќе бидат потребни „повеќе сложени операции“ за целосно заздравување.

„Немам за што да жалиам“

„Иако сè не заврши како што се надевав, и покрај силната физичка болка, немам за што да жалиам“, порача Вон. „Самото стоење на стартот беше чувство што никогаш нема да го заборавам. Фактот дека бев таму со шанса за победа, за мене е победа. Знаев дека тркањето носи ризик – тоа секогаш бил и ќе биде исклучително опасен спорт.“

Петкратната олимписка шампионка додаде: „Се обидов. Сонував. Скокнав.“ Таа испрати и порака до јавноста: „Се надевам дека мојот пат ќе ве охрабри и вие да бидете храбри. Животот е прекраток за да не се ризикува. Единствениот вистински неуспех е да не се обидеш.“

Детали за несреќата и лекувањето

До падот дошло кога Вон со стапот закачила за една од вратите, по што неколкупати се превртела во воздух пред да удри во снегот. Таа била имобилизирана на носилки и со хеликоптер пренесена во болницата Ка Фонцело во Тревизо, каде што била оперирана за стабилизација на фрактурата на левата нога, соопшти болницата, а пренесе Reuters.

Американската скијачка и сноуборд репрезентација претходно информираше дека Вон е во стабилна состојба и под надзор на американски и италијански лекари.

Настап и покрај скинати лигаменти

Само една недела пред Олимписките игри, Вон ја повредила истата нога, целосно ги скинала предните вкрстени лигаменти на последната трка од Светскиот куп. И покрај тоа, таа одлучи да настапи на, како што најави, своите последни Олимписки игри. Тогаш изјави: „Мислам дека ова би бил најдобриот камбек во мојата кариера – и дефинитивно најдраматичниот.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни