Линдан во ОХИС – Тивка еколошка бомба во Скопје: Кои се здравствените ризици за скопјани?

Линданот, поранешен инсектицид произведуван во ОХИС, претставува една од најтоксичните загадувачки материи во Македонија. Зошто е опасен, како влијае на здравјето и што се презема за конечно чистење на контаминираната почва и вода?

Линдан е инсектицид кој во минатото многу се користел во земјоделието (на овошје и зеленчук, како третман на семе) и исто така во медицината (за истребување на вошки). Поради својот ефект и токсичност, денес е забранет или строго ограничен во многу земји.

Зошто е опасен?

Линданот е трајна супстанца: добро се задржува во почва, води и организми, се акумулира во масни ткива. Прекумерна изложеност може да предизвика иритации на кожа и дишни патишта, нарушување на крвта, токсичност на црниот дроб, бубрезите, нервниот систем, и имунолошки ефекти. Во долгорочна смисла, линданот е поврзан со зголемен ризик од канцерогеност (на пример, рак на црниот дроб) и други хронични здравствени проблеми.

Производството на линдан генерира голем отпад: само мал дел се користи како активен инсектицид, голем дел од соединенијата (изомери на HCH) остануваат како отпад. Складирањето некогаш, како што е случајот со ОХИС – било на отворено, со депонирање на отпадот надвор, покривање со земја, без адекватна заштита. Тоа создава контаминација на почва, подземни води, можност за пуштање честички во воздух. Па така наример, во Македонија се наведува дека земјената покривка не е вистинска заштита, а изомери се најдени во подземни води.

Уништувањето на линданот бара специјални технологии, може да се транспортира до специјализирани постројки за термичка обработка, согорување, или хемиско третирање. Во случајот со ОХИС, отпадот со линдан и контаминираната земја се извезува во други земји за уништување. Треба да се обезбеди безбедна амбалажа, контејнери, следење, заштита од истекување и понатамошна контаминација.

Бидејќи линданот е перзистентна органска супстанца (POP), може да се пренесува на големи растојанија преку воздух, вода и седименти. Во води и почва, може да се акумулира, да влијае врз растенија, животни, птици, и преку исхрана да се пренесе на човечкот. Овој континуиран ефект значи дека загадувачот не само што влијае локално, туку може да биде глобален проблем.

Проблемот на Охис

Депонијата со линдан во поранешната фабрика ОХИС во Скопје претставува една од најтоксичните еколошки закани во земјата и регионот. Комплексот ОХИС се наоѓа на југозападниот дел од Скопје, покрај булевар „Борис Трајковски“. Во фабриката се произведувал инсектицидот линдан (γ-HCH) во периодот од 1964 до 1977 година. При тоа производство се создавал голем отпад од изомери на HCH/линдан, кој бил неадекватно складиран и депониран на отворено, без заштита од истекување, што довело до долготрајна контаминација на почвата, подземните води и воздухот. Под влијание на дождови и ерозија, отровните соединенија продираат низ земјата и стигнуваат до подземните води, кои потоа се користат за наводнување и понекогаш за пиење. Во суви денови, честичките на линдан се креваат во воздухот и можат да се вдишат, а преку прашина и храна влегуваат и во човечкиот организам.

Линданот е перзистентен органски загадувач што се разградува исклучително бавно и се акумулира во масното ткиво, крвта, црниот дроб и бубрезите. Здравствените последици можат да бидат сериозни и долгорочни: предизвикува главоболки, вртоглавица, замор, гадење, иритација на кожа и очи, а при повисоки концентрации може да доведе до оштетување на нервниот систем и црниот дроб. Светската здравствена организација го класифицира линданот како веројатен човечки канцероген (група 1Б), поврзан со зголемен ризик од рак на црниот дроб, лимфом и леукемија.

Дополнителни студии покажуваат дека изложеноста на линдан влијае и на ендокриниот систем, со нарушување на хормоналната рамнотежа, што може да предизвика репродуктивни проблеми и хормонални нарушувања кај жените и мажите. Кај децата, токсичноста е особено изразена – може да влијае на развојот на мозокот, да предизвика проблеми со концентрацијата и учењето, а постојат податоци и за предвремен пубертет кај девојчиња во области блиску до контаминираната зона.

Бремените жени и доилките се меѓу најризичните групи, бидејќи линданот може да премине преку плацентата и во мајчиното млеко, со што директно го загрозува здравјето на фетусот и новороденчето. Истражувања во Скопје покажале дека дел од тестираните деца имаат повисоки концентрации на линдан во крвта, што упатува дека контаминацијата е сè уште активна.

Во малата депонија во ОХИС се проценува дека има над 13.000 тони линдан помешан со земја. Во големата депонија се проценува дека има над 50.000 тони контаминиран материјал (линдан и изомери) ­— вкупната количина можеби и повеќе. Во една анализа се наведува дека во малата депонија има околу 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон, и околу 70 тони жива.

Отпадот е складиран најчесто „затрупан“ со земја, без доволна бетонска база или современа заштита за да се спречат вредностите да навлезат во почва, подземни води и воздух. Истражувањата покажуваат дека линдан/изомери се пронајдени во почва, подземни води и воздух во околината на ОХИС.

Во 2021 година официјално започнаа активности за чистење на малата депонија: ископување, пакување и транспорт на отпадот. Во 2020/2021 година избрана е грчка компанија Polyeco да го изврши проектот за чистење на малата депонија, поддржана од УНИДО (UNIDO).

Што останува и што е клучно прашање

Депониите со линдан (малата, големата, и локации како Пеленица) не се целосно исчистени — додека тоа не се случи, ризикот останува.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вчера информираше дека нема никакво истекување на линдан од поранешниот индустриски комплекс ОХИС, уверувајќи дека процесот на негово чистење се одвива континуирано и безбедно.

-МЖСПП континуирано работи на решавање на еден од најголемите еколошки предизвици во земјата, чистењето на линданот во поранешниот индустриски комплекс ОХИС, се наведува во соопшптението.

Информираат дека на 22 октомври, во вечерните часови, бил спроведен вонреден инспекциски надзор на локацијата, при што било утврдено дека нема апсолутно никакво истекување на линдан ниту други нарушувања на безбедноста.

Министерството потенцира дека веќе неколку години активно работи на чистење на малиот линдански лот, каде што се постигнати значајни резултати. Паралелно се бараат најсоодветни и одржливи решенија за отпочнување на чистењето и на големиот лот, кој е следна приоритетна фаза во процесот.

„МЖСПП останува целосно посветено на транспарентност, континуиран надзор и безбедно спроведување на сите активности, со единствена цел, создавање почиста, поздрава и побезбедна животна средина за сите граѓани, се наведува во соопштението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни