Актерката Лили Колинс ќе ја толкува легендарната Одри Хепберн во нов игран филм посветен на создавањето на култниот „Breakfast at Tiffany’s“. Покрај главната улога, Колинс ќе биде и продуцентка на проектот, објави „Variety“.
Филмот е базиран на книгата „Fifth Avenue, 5 A.M.: Audrey Hepburn, Breakfast at Tiffany’s, and the Dawn of the Modern Woman“ од Сем Васон , која ја истражува позадината на снимањето и културното влијание на филмот.
Сценариото го пишува Алена Смит, креаторка на серијата „Dickinson“, додека режисер сè уште не е избран.
Оригиналниот филм од 1961 година е адаптација на новелата на Труман Капоте и ја следи социјалитката Холи Голајтли и нејзината необична врска со млад писател кој се вселува во нејзината зграда во Њујорк.
Новиот проект ќе се фокусира и на турбулентната претпродукција. Според историските извори, Капоти сакал улогата да ѝ припадне на Мерлин Монро и бил разочаран кога студиото Paramount Pictures ја избрало Хепберн.
Филмот ќе ги обработи и случувањата од снимањето, вклучително и познатата воведна сцена пред излогот на Tiffany & Co. на Петтата авенија.
Меѓу ликовите што ќе бидат прикажани се и Капоти, костимографката Едит Хеди, режисерот Блејк Едвардс, но актерската екипа за овие улоги допрва ќе биде објавена.
Колинс, која е најпозната по серијата „Emily in Paris“, во изјава на Инстаграм напиша дека по речиси десет години развој конечно може да го сподели проектот инспириран од нејзината долгогодишна фасцинација со Одри Хепберн.
Филмот ќе се реализира со поддршка на продукциската куќа „Image Entertainment“, а детали за премиерата сè уште не се објавени.
Очекувањата се дека продукцијата ќе започне по изборот на режисер и комплетирањето на актерската екипа, по што ќе бидат објавени и првите официјални детали за снимањето и датумот на премиера.