Ликовна колонија „Галичник 2025“ од 12 до 18 август

Ликовната колонија Галичник е една од најреномираните уметнички колонии во регионот, со јасна ориентација кон современите текови на визуелната уметност

„Постмеморија – Одек на тишината“ е темата на годинашната Ликовна колонија „Галичник“ која по 36-ти пат ќе се одржи од 12 до 18 август во Галичник. 

Како што наведува организаторот, темата е инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, „кои се занимаваат со тоа како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации“.

-Годинашните  учесници ќе ја истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти, се наведува во соопштението.

Учесници на ликовната колонија ќе бидат: Никола Радосављевиќ и Дејан Крстиќ од Србија, Красимир Терзиев и Калина Димитрова од Бугарија, Далиа Белосиноф од Грција, Мариа Анвандер и Клара Вит од Австрија, Ренеа Беголи од Косово, Лука Соудан од Холандија и македонските уметници Иванчо Талевски и Ана В’цкова.

Делата кои ќе бидат создадени на оваа сесија, заедно со продукцијата од претходната во 2024-та, ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември 2025 во Националната галерија – објект Мала станица. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог кој ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.

-Ликовната колонија Галичник е една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот. Со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност, колонијата и понатаму гради платформа за иновативна, интер-/транс-дисциплинарна и концептуална продукција, се наведува во соопштението на организаторот на Колонијата која е поддржана од Министерството за култура и туризам и од институции и партнери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни