Лидерот на шкотските лабуристи бара оставка од британскиот премиер поради аферата Епстин

Лидерот на шкотските лабуристи Анас Сарвар побара оставка од британскиот премиер Кир Стармер поради аферата поврзана со Џефри Епстин и именувањето на Питер Менделсон.
Фото: Patrick McMullan | Getty Images

Лидерот на шкотскиот огранок на Лабуристичката партија, Анас Сарвар, денеска изјави дека британскиот премиер и лидер на владејачката Лабуристичка партија, Кир Стармер, треба да поднесе оставка поради последиците од скандалот во британската влада поврзан со починатиот американски сексуален престапник Џефри Епстин.

Сарвар е засега најистакнатиот лабуристички политичар кој јавно се спротивстави на лидерството на Стармер, откако во јавноста изби аферата поврзана со одлуката од 2024 година за именување на Питер Менделсон за амбасадор на Обединетото Кралство во САД, и покрај неговите претходно познати врски со Епстин.

Документи објавени од американските власти откриваат длабоки и долготрајни врски меѓу Менделсон и Епстин, што сериозно ја доведе во прашање проценката на Стармер. Во меѓувреме, анкетите покажуваат дека популарноста на британскиот премиер драстично опаднала, само осумнаесет месеци по неговата убедлива изборна победа, пренесува Ројтерс.

Сарвар и други лабуристички пратеници од Шкотска треба да учествуваат на изборите за Шкотскиот парламент во мај, кои сè почесто се оценуваат како потенцијален пресврт во политичката иднина на Стармер.

Шкотската лабуристичка партија е регионална организација на британската Лабуристичка партија што дејствува во Шкотска. Таа ја претставува пошироката партија на национално ниво, но има одреден степен на автономија во однос на шкотските политички прашања и изборни процеси.

„Мора да престане одвлекувањето на вниманието, а раководството во Даунинг стрит мора да се промени“, изјави Сарвар на прес-конференција.

Во последните 24 часа, најблискиот соработник на Стармер и шефот за комуникации поднесоа оставки, во очигледен обид премиерот да стави крај на аферата Менделсон и на растечкиот политички притисок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни