Лидерите на осумте земји-членки на „источното крило“ на Европската Унија, во кои спаѓаат нордиските и балтичките земји, како и Романија и Бугарија, денес, по состанокот во Хелсинки, оценија дека „Русија останува закана“ и дека „безбедноста на Европа е тесно поврзана со Украина“.
Финскиот премиер Петери Орпо изјави дека „Русија останува закана денес, утре и во догледна иднина“, објавува Гардијан.
Орпо оцени дека состанокот се одржал додека „Европа се соочува со некои од најсериозните и егзистенцијални прашања на нашето време“.

Тој додаде дека „ние сме поблиску до мирот од кога било досега“, но предупреди дека „не гледаме никакви знаци дека Русија навистина сака мир“.
„Русија останува закана денес, утре и во догледна иднина за цела Европа. Тоа е причината зошто ја зајакнуваме нашата соработка. Делиме силна политичка волја да ја зајакнеме нашата заедничка безбедност и одбрана на Европа, почнувајќи од источното крило“, рече Орпо.
Естонската премиерка Кристен Михал изјави дека „безбедноста на Европа е тесно поврзана со Украина“.
„Доколку Русија не биде стратешки поразена во Украина, таа ќе стане похрабра“, предупреди Михал.
Тој повика на усвојување на заеми од ЕУ за репарации за Украина, на овогодинешниот Европски совет.
„Тоа е најдобрата опција брзо да се обезбеди финансирањето што ѝ е потребно на Украина, а тоа ја става Украина во посилна позиција за праведен и одржлив мир“, рече Михал.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека „Русија е долгорочна закана за евроатлантската безбедност“.
„Воената агресија против Украина буквално ја загрозува не само источната граница на Европската Унија, туку и целиот континент“, рече Кристерсон.
На состанокот во Хелсинки присуствуваа лидерите на осумте земји од „источното крило“ на ЕУ, кои граничат со Русија или се блиску до границата со таа земја, меѓу кои се Финска, Шведска, Полска, Латвија, Литванија, Естонија, Бугарија и Романија.
