Како уличните списанија менуваат животи

„Лице в Лице“ на изложбата во галеријата „Корнхаусфорум“ во Берн, Швајцарија

На изложбата „Како уличните списанија менуваат животи“, во галеријата „Корнхаусфорум“ во Берн, Швајцарија се најде и насловна страница од македонското издание на „Лице в Лице“.

„На наше големо задоволство сме дел од тие кои ја одбележуваат 30 годишнината од постоењето на Меѓународната мрежа на уличен печат ИНСП, чиј дел е нашето улично списание. Изложбата беше отворена неодамна во галеријата „Корнхаусфорум“ во Берн, Швајцарија“, велат од „Лице в Лице.“

Послениот број на уличното списание за одржлив развој „Лице в Лице“, кое е дел од истоимената Платформа за одржлив развој, е посветено на новата транзиција која ни претстои – „економија која е фокусирана на човекот“.

„Лице в лице“ како еколошко списание, се печати на рециклирана хартија, а е посветено на испитување на односот на поединецот и на неговото ментално и физичко опкружување.

Продавачи на списанието се лица претставници од најранливите групи во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е за продавачот, а останатата половина се насочува кон продукција на следно издание и  за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.

Содржините на „Лице в лице“  ги поттикнуваат компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира, кои како главна одлика го имаат одржливиот развој, се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина.

Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.

📸Фотографија: Сузан Голшмид, Kornhausforum Bern.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни