Во срцето на секој град има приказни што ретко добиваат простор да бидат слушнати. „Лице в Лице“ е повеќе од улично списание—тоа е платформа што ги отвора вратите за оние чии гласови честопати остануваат во сенка. Ова македонско социјално списание создава можности за маргинализираните групи, нудејќи им поддршка и начин да изградат подобро утре.
Преку моќни новинарски текстови, сведоштва и истражувања, „Лице в Лице“ ги разоткрива системските предизвици со кои се соочуваат луѓето во социјален ризик, од бездомници и лица со попреченост, до оние што се борат со сиромаштија или социјална исклученост. Но, тоа не е само списание—тоа е можност. Продавачите на „Лице в Лице“ се дел од еден модел кој им овозможува не само финансиска независност, туку и чувство на достоинство и припадност. Со секоја продадена копија, не само што читателите добиваат инспиративни и ангажирани содржини, туку и директно придонесуваат кон систем што гради праведност, еднакви шанси и емпатија. „Лице в Лице“ ја потврдува моќта на зборот—не само да информира, туку и да менува животи.
– Ние отсекогаш велиме дека „Лице в лице” не е само списание. Имаме две мисии кои се многу важни и клучни. Едната се секако содржините, кои сигурна сум дека нема да ги најдете на друго место. Меѓутоа онаа другата се продавачите на „Лице в лице”, кои не се само дистрибутери на списанието, туку се носители на една лична трансформација. Тие се можеби за прв пат видливи во едно ново маало, онаму каде што не живеат, далеку од својот дом и се навистина многу среќни кога некој може да им купи списание, меѓутоа некогаш се задоволни кога некој само ќе ги праша како си и ќе им посака убав ден. Она што е наша мисија, одговорност и наша работа, за да имаме општество со вредности кое ќе има малку повисока социјална култура треба да се вклучиме сите- вели Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Овој магазин постои веќе 13 години и комбинира медиум, активирање и вклучување на заедница и социјално претприемништво на начин што ретко се гледа во регионот. Во својата суштина, „Лице в лице“ поврзува, освестува и зајакнува.
Се обидува да одговори на повеќеслоен општествен проблем: економската и социјалната исклученост на ранливите сограѓани. Истовремено, го адресира и недостигот од етички и ангажирани медиуми што ги претставуваат различните светогледи и потреби, дава простор на граѓанските иницијативи и активираат бизниси, институции, граѓански организации, академска заедница во насока на кокреирање кон решенија. „Лице в лице“ е специфично и поради тоа што ги гледа решенијата во мултисекторската соработка.

-Низ овие тринаесет години „Лице в лице” постои само поради тврдоглавоста, упорноста и отпорноста на тимот кој што стои зад оваа платформа за одржлив развој. Меѓутоа, и поради сите вас што сте дел од нашата публика, која што низ овие години сериозно не поддржува и купува и по многу примероци од едно издание само за да пркоси. Секако и затоа што публиката е најневеројатната публика што ја имаме, која што стои зад нас сите овие тринаесет години и е колекционер на многу изданија на списанието. Меѓутоа, не е само списанието, „Лице в лице” е платформа која што зајакнува ранливите и оние другите кои што се сметаат себе си дека не се ранливи, меѓутоа постои и за сите оние кои што веруваат дека граѓанинот го има клучот во рака за да ја отклучи таа многу потребна социјална промена во нашето општество. Лови се и пркоси на сите. А морам да кажам дека тој пркос практично не движи нас напред. Во сите овие тринаесет години моравме да направиме многу промени. Многу значаен дел од „Лице в лице” платформата е тоа што постојано вклучуваме креативци, млади луѓе, уметници, актери. Ги вклучуваме сите оние кои што се виделе дека можат со нас да ко-креираат. Тука клучниот концепт е ко-креирање. Со самото тоа што „Лице в лице” е уличен магазин, улично списание, нашата цел е да опфатиме теми коишто не достигаат во јавниот простор, а се многу важни. Сето она што е оставено настрана во меинстрим медиумите, ние го ставаме во под рефлекторит, односно во нашиот фокус- вели Маја Раванска.

„Лице в Лице“ ја предизвикува еднодимензионалната слика што ја создаваат традиционалните медиуми. Преку вклучувањето на различни засегнати страни во креирање на решанија, работи на долгорочни партнерства кои ќе носат позитивни промени во нашето општество.
„Лице в лице“ нуди простор каде секој има можност да се слушне неговиот глас, да заработува со достоинство и да учествува во создавање поправеден и солидарен свет.

Анабела Мередиева, е една од многу продавачи за Лице В Лице. За трн таа вели:
– Jaс сум од „Порака Волково” и десет години сум продавач на „Лице в лице”. Мене ми значи кога го продава и кога го купуваат списанието. Купувајќи го „Лице в Лице“, им помагам на луѓето и сама себеси си помагам. Продавам во „Сити Мол” во „Дебар Маало” и во град. Го продавам каде што ме познаваат. Го работам и уживам на тоа што го работам. Од мојата заработка си купувам сè по нешто. На ден шеснаесет списанија порано имам продадено.

И за крај, Магдалена ќе порача:
– Ние во „Лице в лице” ве повикуваме да ги погледнете продавачите во лице, да ги прашате како се, да им купите списание и да поразговарате со нив на теми кои навистина оние секогаш се отворени и расположени да ве поздрават и да поразговараат. Ова е процес и на нивно учење, на стекнување на нови вештини, па бидете нежни со нив. Затоа што сите ние сме одговорни за тоа како некој од социјална исклученост ќе го вклучиме да не биде на маргините. Тоа е заедничка цел.