По повод претстојниот Меѓународен ден на лицата со попреченост – 3 Декември, се одржа средба насловена „Запознавање со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и улогата на Народниот правобранител“, во Центарот за социјални претпријатија во Скопје.
Учесниците во настанот укажаа на реалните и конкретните проблеми како што се: отежнатиот пристап до функционална проценка за попреченост; нередовна исплата на личните асистенти и други даватели на помош, што влијае врз континуитетот и квалитетот на поддршката за корисниците; премалку образовни асистенти, особено во однос на основните училишта; човек во ортопедска количка кој не може да влезе во здравствена установа затоа што нема пристапна рампа; итн.
Настанот, организиран од Народниот правобранител и Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА), има за цел да овозможи отворен разговор со лица со попреченост, нивните семејства и организациите коишто работат во ова поле. Се разговараше за искуствата, предизвиците и потребите во остварување на правата и пристапот до услуги, како и за предлози за унапредување на локалните политики.

Васка Бајрамовска-Мустафа – заменик народен правобранител и одговорна за мониторинг на Конвенцијата при Народниот правобранител, подвлече дека со ратификацијата на Конвенцијата во 2011., државата се обврза да ги почитува правата на своите граѓани со попреченост.
„И да придонесе за достоинствен живот на овие граѓани преку унапредување, заштита и целосно уживање на сите човекови слободи и права. Согласно Конвенцијата, државата треба да создаде можности за вклучување на овие лица на еднаква основа со другите во сите општествени сфери. Но, лицата со попреченост, не само кај нас, туку и ширум светот, и денес се соочуваат со широк опсег на повреди на човековите права, вклучително и дискриминација, стигма и изолација. Многу лица со попреченост немаат пристап или имаат отежнат пристап до јавни добра и услуги, здравствена заштита, образование, социјални услуги базирани во заедницата и можности за вработување. Недостасува доследна и целосна практична имплементација на Конвенцијата, па оттаму потребни се уште многу напори од страна на сите нас, за да може да го наречеме нашето општество – фер и инклузивно. Свесни сме за предизвиците што се системски и долготрајни, како и за потребата од засилување на лицата со попреченост и подобрување на нивната информираност и свесност за правата коишто ги имаат, како и за механизмите на заштита што им стојат на располагање“, изјави претставничката на Омбудсманот.
Притоа, го нагласи значењето на учеството на лицата со попреченост кои во соработката со Народниот правобранител вршат активности за промоција, заштита и следење на остварувањето на правата, согласно македонската и меѓународната легислатива. Повеќемина го потенцираа учеството на најзасегнатите – граѓаните со попреченост, во креирањето на политиките коишто се однесуваат на оваа заедница.
„Промената почнува кога ќе ги слушнеме потребите и проблемите на луѓето и ќе престанеме да ги игнорираме“, истакна програмската раководителка од ХЕРА, Весна Матевска.
Ваквите разговори нудат можност да се посочат реални примери од секојдневието, искуства во пристапот до услуги и до институциите и предлози за подобрување на локалните политики, посочија организаторите.
Се повика и на поголема физичка, институционална и информативна пристапност на сервисите за поддршка на жртвите на семејно и родово засновано насилство, но и на центрите за социјална работа и полицијата.
Магистрандот од Правниот факултет во Скопје, Слободан Иванов, кој е лице со попреченост, а чие поле на специјалност е токму Конвенцијата, порача дека мора да се зајакне врската меѓу Народниот правобранител и граѓаните со попреченост, да се зголемат т.е. засилат ингеренциите на самата институција којашто е одговорна за заштита на правата на граѓаните, и во иднина да има конкретни и што побрзи резултати за кој било конкретен случај.
Даниела Стојановска-Џинговска, професионален рехабилитатор и активист, истакна дека лицата со попреченост сѐ уште се соочуваат со препреки во македонското општество, но ваквите настани со сигурност можат да ги подобрат состојбите.
Беа посочени и други препораки што ќе бидат пренесени до државните и локалните институции. Целта е да се оствари почеста директна, но и делотворна комуникација со лицата со попреченост за нивните предизвици во остварување на нивните права.
Главната порака од оваа конференција, како што беше речено е: Конвенцијата за правата на лицата со попреченост мора да се применува доследно во сите области на секојдневното живеење и на сите нивоа. Таа не е само меѓународна обврска, велат од ХЕРА, туку основа за многу инклузивни политики и програми, како и услуги на локално и национално ниво.
