Лицето открива повеќе отколку што мислиме: знаци на консумирање алкохол и никотин

Отеченост, црвенило, безживотен тен и предвремено стареење се меѓу најчестите промени што експертите ги поврзуваат со честото пиење алкохол и користење цигари и вејп.

Иако најчесто кога зборуваме за алкохол и цигари мислиме на нивното влијание врз внатрешното здравје, експертите предупредуваат дека последиците многу јасно се забележуваат и на лицето. Кожата, според нив, често е првиот „показател“ за навиките поврзани со алкохол и никотин.

Австралиската експертка за нега на кожа и нутриционистка Фиона Так тврди дека само со еден поглед може да се насети дали некоја личност често консумира алкохол или пуши. Еден од најочигледните знаци, вели таа, е отеченоста на лицето.

Алкохолот делува како диуретик, што значи дека го поттикнува губењето течности и хранливи материи од организмот. Како одговор, телото може да почне да задржува вода, што резултира со отеченост, најчесто во пределот на лицето. Но, ова не е единствениот проблем.

Бидејќи алкохолот е токсин, тој предизвикува воспалителни процеси во телото. На кожата тоа може да се манифестира преку појава на пигментни дамки, проширени капилари, црвенило, безживотен тен, губење на колаген, појава на брчки и затнати пори. Со текот на времето, овие промени стануваат сè поизразени.

Фиона Так предупредува дека хроничната консумација на алкохол може да доведе до системска, тивка воспалителна состојба во телото, позната како воспалително стареење. Дополнително, прекумерното пиење може да ја оштети и функцијата на црниот дроб, кој има клучна улога во филтрирањето на токсините од организмот.

Алкохолот влијае и врз крвните садови. Тој ги опушта и проширува, што може да предизвика привремено црвенило и руменило на лицето. Со тек на време, ѕидовите на крвните садови можат да ослабат и да станат трајно видливи. Честата консумација, исто така, доведува до исцрпување на важни хранливи материи, особено витамините од Б-комплексот, што дополнително го влошува изгледот на кожата.

Последиците не се поврзани само со класичните цигари. Според експертката, и корисниците на електронски цигари и вејп не се поштедени. Пушењето ги троши клучните нутриенти, како витамин Ц и антиоксидансите, што резултира со намалена еластичност на кожата и побрзо губење на колагенот и еластинот.

Како резултат на оксидативниот стрес и недостигот од заштитни материи, кожата добива уморен и безживотен изглед, а пигментациите стануваат поизразени. Иако за долгорочните ефекти од вејпањето сè уште нема доволно истражувања, Фиона Так нагласува дека тие сигурно не се безопасни.

Никотинот, присутен и во електронските цигари, ги стеснува крвните капилари, со што се намалува дотокот на кислород и хранливи материи до кожата и се забавува нејзиното обновување. Тоа ја нарушува циркулацијата и лимфниот систем, а кожата со тек на време изгледа сè посува, посива и поуморна. Дополнително, хемикалиите во е-цигарите можат да предизвикаат црвенило, воспаленија и појава на дерматолошки проблеми.

На прашањето дали овие промени се трајни, експертката одговара дека не постои едноставен одговор. Сè зависи од времетраењето и интензитетот на изложеноста на алкохол и никотин, како и од тоа дали навиките ќе се променат навреме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни