Либиски врховен воен командант и уште седум лица загинаа во авионска несреќа по полетување од Турција

Либискиот началник на Генералштабот и уште седум лица загинаа кога приватен авион се урна по полетување од Анкара. Несреќата, според властите, е предизвикана од технички дефект.

Приватен авион во кој се наоѓале висок либиски воен командант, уште четворица офицери и тројца членови на екипажот се урнал во вторникот кратко по полетувањето од главниот град на Турција, Анкара, при што сите осум лица го загубиле животот.

Либиските власти соопштија дека причината за несреќата бил „технички дефект на авионот“.

Либиската делегација престојувала во Анкара на разговори на високо ниво за одбраната, со цел зајакнување на воената соработка меѓу двете земји, изјавија турски официјални лица.

Либискиот премиер Абдул-Хамид Дбеибах ја потврди смртта на началникот на Генералштабот, генерал Мухамед Али Ахмед ел-Хадад, како и на уште четворица офицери. Во објава на Фејсбук тој оцени дека станува збор за „огромна загуба“ за Либија.

Генералот ел-Хадад беше врховен воен командант во западна Либија и имаше клучна улога во тековните напори, под покровителство на Обединетите нации, за обединување на либиската војска, која е поделена исто како и државните институции.

Меѓу другите загинати офицери се:
– генерал Ал-Фитури Граибил, командант на копнените сили на Либија,
– бригадниот генерал Махмуд Ал-Катави, раководител на службата за воено производство,
– Мохамед Ал-Асави Диаб, советник на началникот на Генералштабот,
– Мохамед Омар Ахмед Махџуб, воен фотограф во канцеларијата на началникот на Генералштабот.

Турските власти соопштија дека остатоците од деловниот авион „Фалкон 50“ биле пронајдени во близина на селото Кесикавак, во областа Хајмана, околу 70 километри јужно од Анкара.

Контролорите на летање во Турција во вторникот навечер известиле дека изгубиле контакт со авионот кој бил на пат кон Либија, откако полетал од аеродромот Есенбога во Анкара.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави на социјалните мрежи дека авионот полетал во 20:30 часот, а контактот бил изгубен 40 минути подоцна. Според него, авионот испратил сигнал за итно слетување кога се наоѓал во близина на Хајмана, по што комуникацијата целосно прекинала.

Шефот на Канцеларијата за комуникации на турскиот претседател, Бурханетин Дуран, изјави дека авионот ја известил контролата на летот за електричен дефект и побарал итно слетување. Бил пренасочен назад кон аеродромот Есенбога, каде започнале подготовки за слетување, но авионот исчезнал од радарот додека се спуштал.

Снимки од безбедносни камери, емитувани на локалните телевизии, покажуваат како ноќното небо над Хајмана одеднаш се осветлува, во сцена која наликува на експлозија.

Генералот ел-Хадад за време на престојот во Анкара се сретнал со турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер и со други високи функционери.

Аеродромот во Анкара привремено бил затворен, а неколку летови биле пренасочени. Турското Министерство за правда соопшти дека четворица обвинители се назначени да ја водат истрагата за падот на авионот, што е стандардна процедура во вакви случаи.

Либиската влада соопшти дека ќе испрати специјален тим во Анкара за да соработува со турските власти во истрагата.

Либија се наоѓа во состојба на хаос од востанието во 2011 година, кога беше соборен и убиен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи. Земјата е поделена меѓу ривалски администрации на исток и на запад, поддржани од различни милиции и странски држави.

Турција долго време е сојузник на владата во западна Либија, но во последно време презема чекори за подобрување на односите и со источната администрација.

Посетата на либиската делегација се одржа само еден ден откако турскиот парламент го одобри продолжувањето на мандатот на турските трупи во Либија за уште две години. Турција ги распореди своите сили по договорот за безбедносна и воена соработка од 2019 година меѓу Анкара и владата со седиште во Триполи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни