Либан: убавината која мора да умре

Земја со 18 лица, но без ниедно свое

Постои фотографија од Бејрут од 1965 година. Жена во бикини лежи на плажа во Џуние, а зад неа се гледаат палми и хотели со стаклени фасади. Можело би да биде Монако, Кан, Сен Тропе. Луѓето го нарекувале „Париз на Блискиот исток” и не биле далеку од вистината. Бејрут во педесеттите и шеесеттите бил финансиски центар на регионот, со слободни медиуми, со ноќни клубови, со универзитети на кои се предавало на три јазици. Арапските богаташи доаѓале да се забавуваат, западните интелектуалци доаѓале да пишуваат. Хотелот „Феникс” бил секогаш полн.

Денес, во март 2026, израелски авиони го бомбардираат јужен Бејрут по втор пат за две години. Либан е земја во која убавината и катастрофата живеат под ист покрив и никогаш не е јасно што од тоа ќе победи утре.

За да се разбере зошто е вака, треба да се оди многу подлабоко од вестите.

18 заедници, еден проблем

Либан официјално признава 18 верско-етнички заедници: маронитски христијани, православни христијани, грко-католици, сунитски муслимани, шиитски муслимани, друзи, алавити, ерменски христијани, Евреи и уште десетина варијанти на секоја од нив. Ова не е егзотичен детал туку темелот на државата.

Системот наречен конфесионализам е воспоставен уште под францускиот мандат, а зацементиран со Националниот пакт од 1943, неформален, незапишан договор меѓу политичките елити кој вели: претседател е секогаш маронитски христијанин, премиер е секогаш сунитски муслиман, претседател на парламентот е секогаш шиитски муслиман. Местата во парламентот и јавната администрација се поделени по верски клуч. Бројот на пратеници изгледа вака: 64 христијани, 64 муслимани, не затоа што е демократски и демографски точно, туку затоа што така се договориле елитите во 1943.

Проблемот е што тој договор се темелел на пописот од 1932 година, кој го спровеле Французите и кој ги ставал христијаните во мнозинство. Тој попис никогаш не бил повторен. Денес Либан нема официјален попис затоа што секоја заедница знае дека бројките би го срушиле системот. Проценките велат дека шиитите се веројатно најголема група, следени од сунитите, па потоа христијаните. Но, никој официјално не смее да го потврди тоа.

Резултатот е држава во која не владее мнозинство, туку коалиции на страв. Секоја заедница се грижи за своето. Никој не гради држава. И секој надворешен актер знае дека може да влезе преку „неговиот” сектор: Иран преку шиитите, Саудиска Арабија преку сунитите, Франција историски преку маронитите.

Зошто конфликтот е вечен

Либанската земја никогаш не постоела како единствена државна идеја. Феникијците, Асирците, Александар, Рим, Византија, арапскиот калифат, крстоносците, Отоманската Империја, сите поминувале низ оваа земја, оставале своја верска или јазична трага и продолжувале понатаму. Планинскиот терен на Либан историски бил засолниште за малцинствата од регионот: Маронитите бегале таму од византискиот прогон, Друзите се повлекле таму по своите теолошки расправии со исламот. Планината ги штитела, но и ги изолирала, и создавала заедници кои немаат навика да разговараат меѓу себе.

Кога францускиот мандат го создал Голем Либан во 1920, ги споил христијанските планински општини со муслиманските крајбрежни градови и шиитските јужни региони и ги нарекол „земја”. Без да прашува никого. Конфесионалниот систем бил нивниот начин да управуваат со творбата: поделбата на власта е полесна администрација за колонизаторот, без да се размислува за градењето на национален идентитет кој би бил кохезивна врска на жителите на земјата.

Граѓанската војна 1975–1990 е директна последица на ваквата политика. Петнаесет години, повеќе од 100.000 мртви, над 30 различни вооружени фракции. Палестинците кои биле во земјата уште од 1948 имале свои вооружени структури. Сирија интервенирала со свои, Израел интервенирал двапати. Договорот за Таиф од 1989 ја запрел војната, но не го изменил системот. Само го прилагодил: малку помалку власт за христијаните, малку повеќе за муслиманите. И сè продолжило по старо.

Кој за кого се бори во Либан

Хезболах е роден во 1982, кога Израел го нападнал Либан. Основан со иранска поддршка и финансирање, израснал во феномен без преседан на Блискиот исток: воена организација, политичка партија и социјална мрежа во едно тело. Гради болници, училишта, исплаќа пензии, управува со општини. Во шиитскиот југ тој е државата, бидејќи либанската држава таму никогаш не стигнала. Тоа е неговата вистинска моќ, не само ракетите.

Сирија управувала со Либан де факто триесет години, до 2005, кога по атентатот врз поранешниот премиер Рафик Харири масовните протести ги истерале нејзините трупи. Но нејзините мрежи останале на терен.

Израел го нападнал Либан во 1978, во 1982, водел прикриена гранична војна со Хезболах со години и води целосни воени кампањи во 2006, 2024 и повторно во 2026. Официјалната логика е секогаш иста: да се уништи Хезболах. Исходот е секогаш ист: Хезболах излегува уште поцврсто вкоренет.

Иран е стратешкиот спонзор на кризата. Либан е за Техеран „предна линија на фронтот” против Израел, но без да се трошат ирански животи. Оваа логика е студена и функционира совршено, сè додека Либан постои во оваа форма.

Саудиска Арабија ги финансира сунитските политичари и медиуми. Поранешниот премиер Харири таткото и неговиот син, биле директно врзани за Ријад. Во 2017 Мохамед бин Салман го повикал Харири во Саудиска Арабија и му кажал да поднесе оставка. Прес-конференцијата се емитувала во живо, светот гледал со зачуденост колкаво е влијанието на надворешни сили врз внатрешната политика на Либан.

Хронологија на уништувањето: земјата која не може да дојде до здив

1943 – Независност. Национален пакт. Поделба на власта по верски клуч.

1948 – Израелска независност, Накба. Стотици илјади Палестинци бегаат во Либан. Никогаш не се вратиле.

1975–1990 – 15 години граѓанска војна и повеќе од 100.000 мртви.

1982 – Израелска инвазија. Масакрот во Сабра и Шатила: колеж извршен од либанските христијански милиции додека израелската армија гледала. Основан е Хезбола.

2005 – Атентат врз Харири. Кедарска револуција. Сирија се повлекува.

2006 – 34-дневна војна Израел–Хезболах. Бејрут е бомбардиран. Резолуцијата 1701 останала само на хартија.

2019 – Банкарски колапс. Хиперинфлација. заштедите се заробени во банките. Земјата буквално останала без струја.

2020 – Експлозија во бејрутското пристаниште. 220 мртви, 7.000 повредени. Половина Бејрут е урнат. Никој не е осуден ниту одговорен за трагедијата.

2023–2024 – По 7 октомври, Хезболах отвора северен фронт против Израел. Според либанското министерство за здравство, израелската воздушна кампања убива 4.000 Либанци. Примирје се постигнува во ноември 2024.

Март 2026 – По американско-израелскиот напад врз Иран и убиството на Хаменеи, Хезболах повторно отвора оган. Следи нова ескалација, а Израел издава наредби за евакуација на целиот јужен Либан и го бомбардира јужен појас на Либан кон границата со Израел.

Единствено обичните Либанци не се тема во ниедна дискусија

Во 2019 се случило нешто дотогаш невидено. На улиците на Бејрут, Триполи, Сидон излегле луѓе од сите религии заедно. Сунити, шиити, христијани, друзи: на ист плоштад, со исти барања. Не верски слогани, туку едноставен збор: „Сите значи сите” – надвор сите политичари. Протестирале против системот кој ги ограбувал со децении. Против банкарите, против свештениците, против воените командири кои станале политичари.

Тоа е она што обичниот Либанец го сака: струја 24 часа. Вода од чешмата. Болница во која ќе те примат без да прашуваат со кој сектор си поврзан. Пасош кој нешто вреди. Можност да ги пратиш децата на училиште без претходно да се иселиш во Франција, Канада или Австралија.

Либанската дијаспора е огромна: проценките велат дека надвор живеат повеќе Либанци отколку внатре. Бараш лекар во Либан: студирал во Бејрут, работи во Париз. Бараш архитект: во Дубаи. Бараш новинар: во Лондон. Земјата ги произведува и ги губи своите луѓе со страотна ефикасност.

Иран, Израел и Хезболах: трите разурнувачи на Либан

Хезболах не е ослободителна организација. Хезболах е иранска субконтракторска компанија со добри бенефиции: болници, ракети, пасош и пристап до се. Функционира убаво доколку не мораш да живееш под неа. Ако мораш, прашај ги жителите на Дахие дали некој ги прашал сакаат ли нивниот кварт да биде мета на израелски бомби секоја деценија. За дел од шиитската заедница Хезбола е и единствениот реален заштитник – државата никогаш не стигнала до нивните порти.

Иран, пак, не испраќа свои деца на фронт. Испраќа шиитски Либанци, шиитски Иракчани, шиитски Јеменци. Техеран игра шах со туѓи фигури. Хаменеи е мртов, но системот продолжува да меле, затоа што никогаш не зависел само од него, туку од идеологијата која го хранела 45 години.

А Израел? Секоја воена кампања во Либан завршува со исти резултати: Хезбола е уништена, Хезбола се обновува, следниот циклус за некоја деценија. Нетанјаху зборуваше за примена на „газискиот модел” на разурнување врз Либан. Тој модел значи: рамниш до темел, чекаш некоја деценија и почнуваш одново. Страдаат либанските цивили. Хезбола повторно регрутира нови членови. Циклусот е затворен и совршено функционален, за секого освен за оние кои живеат таму.

Бејрут: убавината која мора да умре

Антони Бордejн отишол во Бејрут во 2006 да снима кулинарска емисија. Наместо тоа, гледал низ хотелскиот прозорец како го бомбардираат аеродромот на кој слетал неколку дена порано. Американската морнарица го евакуирала од Бејрут во последен момент. Подоцна рекол дека таа ноќ го изменила целосно: сфатил дека светот е поголем од она што е во неговата чинија.

Но Бордejн се вратил. Двапати. Бејрут го вовлекувал со нешто за кое тешко се наоѓаат зборови. „Нема друго место во светот каде убавото и ужасното коегзистираат со таква природност”, рекол. Бикини и хиџаб на иста плажа. Ноќен клуб под гранатирана зграда. Маса со мезе и ракија пред ѕид со дупки од куршуми кои никогаш не биле закрпени, зашто секоја зграда со дупки од куршуми е и споменик и опомена.

Тоа е суштинскиот парадокс на Либан: земјата е прекрасна со точно онолку интензитет со колку е и несреќна. Либанците готват со страст која малку народи ја имаат. Музичката сцена е жива на начин неспоредлив со регионот. Бејрутска ноќ, во оние кратки мировни интермеца, мириса на морето, анасон и кафе.

Но на Блискиот исток убавината мора да умре. Не затоа што е нужно, туку затоа што е корисно. Корисно е за Иран, на кој му треба фронт. Корисно е за Израел, на кој му треба непријател. Корисно е за либанските елити, на кои им е потребна конфузија за да продолжат да крадат. Либан е земја која и покрај сè успева да се излекува, но со секој нов циклус останува малку потанка. Банкарскиот колапс ја истури средната класа на улица. Експлозијата во пристаништето го уништи срцето на градот. Четири илјади мртви за една година. Нови бомбардирања, нова евакуација.

Некаде во тој образец има граница. Фениксот може да воскресне само ако не го палат секоја деценија и ако некој не го краде пепелот додека гори. Во споротивно: Убавината мора да умре.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни