Викендов во Дајмонд Мол во Скопје за првпат се одржа најголемото гејмерско доживување во Македонија „Level Up“ организирано од технолошкиот гигант „Анхоч“ и онлајн медиумот „Комикс МК“.
Ова гејмерско доживување не може да помине без дополнителни спектакуларни доживувања како што е возбудливиот Косплеј натпревар предводен од Ива Стојческа („Avi Cosplay“) со тематика инспирирана од анимираната хит-серија на Нетфликс „Arcane“.
Посетителите ги разбудија спомените и се навратија во детството со безвременскиот Ретро корнер каде можеше да се играат легендарни игри како „Doom (1993), PES (2004) и Tekken 3 (1997)“.

Наградите беа обезбедени од брендовите White Shark, Genesis, JBL, Samsung, Natec, FunkoGram и Barner.
На Level Up беа присутни двајцата стримери од „OrozzTV“, Никола Чингоски (Professor Chingo) и Николај Јанушевc (Clesny). Стримерите ја збогатија програмата со тоа што играа Returnal, Black Myth: Wukong, Marvel Rivals, Space Marines и Call of Duty.
Гејмерите сè почесто ги оставаат компјутерите и конзолите и се префрлаат кон уредите коишто ги имаат со себе цело време, а тоа се мобилните телефони. Па затоа на настанот имаше и турнир во мегапопуларната мобилна игра со слатките мали, но многу опасни борци „Brawl Stars“, организирано од „Brawl Stars Македонија“. Не треба да се потценува големината на некој херој, не се знае колку може да биде опасно.

Дополнително за фановите на мобилниот гејминг имаше „Pokemon Go“ натпревар организиран од најголемите промотори на Источно-Азиската култура во Македонија, „Пагода“. Вистинските ловци на покемони и борците, влегоа во арените и направија борби коишто ќе се паметат! Беше организиран и турнир во хитот на Нинтендо „Mario Kart 8 Deluxe“ каде се извозеа голем број на километри и голем број на трки. Сите возачи преживеаа иако на стазата имаше многу фрлени банани.
Тука беа и храбрите „тепачи“ кои ги измерија силите во Street Fighter 6 и приредија вешти комбинации на потези кои публиката ќе ги памети! Овој турнир беше организиран од македонската Discord заедница за тепачки игри, „RedFist Dojo“.
Најголемиот хит и најголемото доживување на настанот беше турнирот во мега-популарната видеоигра „League of Legends“ каде фановите уживаа во прекрасна игра и интензивни борби до самиот крај! Во финалето се појавија тимовите на „Respawn Gaming“ и тимот на Македонската Е-Спорт организација „Void E-Sports“. До последен момент на жустра борба, многу шетања низ џунгла, многу тенкања, на крајот тимот на Respawn Gaming се избори и стана шампион во League of Legends на „Level Up“, а третото место го освои тимот на Asylum.