Метеоролозите од глобалната метеоролошка служба AccuWeather објавија голема, долгорочна прогноза за летото. Летото официјално започнува во среда, на 21 јуни, околу три недели по почетокот на метеолошкото лето, кое започнува на 1 јуни.
Тајлер Ројс и Алан Реперт, метеоролози во AccuWeather кои го проучувале времето низ континентот повеќе од три децении, детално ги разгледале минатите години и временските обрасци низ целиот свет за да ги утврдат главните временски моменти за претстојното лето. Метеоролозите на AccuWeather велат дека летното време ќе започне брзо низ централна и северна Европа, додека југоисточните области, меѓу кои е и земјава, може да доживеат побавна транзиција кон летното време.
Иако летово што доаѓа можеби нема да биде толку жешко како претходните, синоптичарите на AccuWeather велат дека може да се покаже исто опасно за жителите и посетителите поради шумските пожари, сушата и опасното време.
Екстремните горештини би можеле да бидат поретки
Европа влегува во престојното лето по серијата лета обележани со брутални, рекордни горештини. Претходно оваа година, извештајот објавен од Службата за климатски промени Коперник анализираше како летото 2022 година било најжешкото досега на европскиот континент, соборувајќи го претходниот рекорд поставен само една година претходно. Опасно топлите временски услови влијаеле на речиси секој аспект од животот. Тие однесоа илјадници животи и ги влошија условите за суша, што резултираше со зачудувачки откритија покрај исушените речни корита.

Во делови од Шпанија и Португалија оваа пролет брзо се разви спарно време. На 27 април 2023 година, Кордоба, Шпанија постави нов рекорд за најжешка априлска температура некогаш забележана во Европа, бидејќи термометарот се искачи на височини потипични за август.
Горливото прашање е дали летото 2023 година ќе остане запаметено како уште една сезона на екстреми. Севкупно, екстремните горештини се очекува да бидат поретки низ целиот континент во споредба со последните години, според метеорологот на AccuWeather, Тајлер Ројс.
„Ќе стане жешко, особено од Пиринејскиот Полуостров до јужна Франција и северна Италија, но екстремната рекордна топлина од минатото лето веројатно нема да се повтори“, рече Ројс.
Повисоки температури во текот на ноќта од претходните лета
Влажната струја од Атлантскиот Океан би требало да ја зголеми облачноста во тие области, што ќе помогне да се задржат температурите во текот на денот, велат синоптичарите. Но, ноќе, облачното покривање може да делува како ќебе, изолирајќи го воздухот долу и резултирајќи со повисоки температури отколку што вообичаено би се мереле. Повисоките температури во текот на ноќните часови може да доведат до температури над историскиот просек за целото лето.
„Поголемиот дел од зградите во Европа се дизајнирани да ја задржат топлината, па ако тие места не можат да се изладат бидејќи атмосферските температури не се намалуваат толку многу преку ноќ, ќе бидете изложени на поголем ризик од здравствени проблеми поврзани со топлината како летото напредува“, рече Ројс.
Метеоролозите на AccuWeather велат дека Источна Европа е област на континентот што е најмалку веројатно да доживее чести топлотни бранови во претстојната сезона. Севкупно, температурите веројатно ќе се движат блиску до историските просеци во текот на летните месеци низ Унгарија, Романија и Србија.
Посуво и потопло во северната половина на Европа, висок ризик од шумски пожари во Скандинавија
Се очекува летото да биде посуво и потопло, во споредба со историските просеци, во северната половина на континентот, вклучувајќи ги Ирска, Обединетото Кралство и Скандинавија. „Постои ризик од повторување на 2018 година во Скандинавија, кога продолженото топло и суво време предизвика шумски пожари“, рече Ројс, додавајќи дека регионот се бори да се справи со таквите временски услови.

Тој додаде дека враќањето на сушата е можно и во Англија, но дека не се очекуваат условите да бидат толку тешки како лани. Врнежи и грмотевици може да се појават за време на суви периоди, особено низ Англија и Велс, што може да предизвика локални обилни врнежи од дожд и силни налети на ветер.
Македонија без голем ризик од невреме во текот на летото
Летната прогноза на AccuWeather за Европа ја истакнува зоната од северна Франција до Германија, Полска и балканските држави како најверојатниот коридор за почести врнежи и можеби дури и тешки временски услови во споредба со остатокот од континентот.
Врнежите треба да бидат блиску до историскиот просек за поголемиот дел од овој регион, што ќе биде добра вест за земјоделските култури ширум Балканот, според Ројс.
Иако врнежите ќе помогнат во борбата против сувите услови во регионот, тие може да имаат и негативни ефекти, бидејќи се очекуваат и невремиња. Според мапата AccuWeather, висок ризик од невреме и грмотевици се очекуваат во Хрватска и Босна и Херцеговина, додека во Северна Македонија, постои само умерен ризик во централните и североисточните делови, додека запдниот дел од земјава има пониски ризици од невреме.
Опасностите од поплави на Балканот сепак постојат
Метеоролозите предупредуваат дека ваквата клима може да резултира со поплави. Значајни поплави се предвидуваат за цела Хрватска, освен за источниот и североисточниот дел на земјата, како и за речиси цела Босна и Херцеговина, јужна Србија, западно Косово, Црна Гора, Албанија и на самиот запад од Македонија.

„Зоната од северна Франција до Балканот е изложена на најголем ризик од тешки временски услови во однос на грмотевици кои можат да произведат штетни ветрови и град“, рече Ројс.
На Балканот, невремето може да резултира со значителен ризик од поплави бидејќи врнежите се искачуваат над историскиот просек за сезоната, според метеоролозите на AccuWeather. Сепак, Ројс нагласува дека во текот на летото се очекуваат убави периоди на стабилно време. Се очекува дека температурите ќе бидат близу или малку над историскиот просек во регионот во текот на јуни, јули и август.
„Очекуваме летово бројот на денови со температура од 32 степени Целзиусови или повеќе да биде малку над историскиот просек“, рече Ројс, но рече дека таквите денови нема да бидат толку чести како изминатите години.
Суши низ Европа
Областите во Европа на кои очајно им требаат врнежи ова лето веројатно нема да добијат помош од мајката природа, велат прогнозерите на AccuWeather.

Европската опсерваторија за суша дава песимистичка слика за поголемиот дел од Пиринејскиот полуостров, јужна Франција и северна Италија, каде сушата сè уште трае.
Сувите грмотевици, грмотевици кои произведуваат малку или никаков дожд, но сепак произведуваат изобилство на опасни молњи, може да бидат закана за овие области. Овој временски феномен е познат по тоа што предизвикува шумски пожари.
„Главната тема на летото за овој дел од континентот е дека секој дожд ќе донесе само краткорочно олеснување, а сушата што се влоши минатото лето нема да исчезне на ниту една од овие локации“, рече Ројс.
Извор: Index.hr