Поради војната се зголемува бројот на „летови кон никаде“

Војната на Блискиот Исток предизвика хаос во авио-сообраќајот со десетици пренасочени и откажани летови кон Дубаи и регионот

Поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, сè почесто се случуваат таканаречени „летови кон никаде“, кога авиони се враќаат назад или се пренасочуваат среде патување. Еден од таквите случаи беше летот ЕК10 на Emirates од Лондон кон Дубаи, кој мораше да се врати на аеродромот Гетвик откако пристигна информација за напад со дронови врз неговата дестинација.

Слична судбина имале и десетици други летови, при што околу 30 авиони биле вратени или пренасочени поради привремено затворање на меѓународниот аеродром во Дубаи, еден од најпрометните во светот. Патниците кои очекувале да слетаат во раните утрински часови останале затечени, а дел од нив преку социјалните мрежи споделија дека наместо во Дубаи, се разбудиле на сосема друга дестинација.

Овие неочекувани промени станаа симбол на тековната криза, која сериозно го погоди авио-сообраќајот. Освен враќањата, авиокомпаниите се соочуваат и со зголемени трошоци, изменети рути и илјадници заглавени патници. Од компанијата потврдија дека дел од летовите биле вратени на појдовните аеродроми или пренасочени кон блиски центри, без дополнителни детали.

Во првите денови од конфликтот, голем дел од воздушниот простор над Заливот беше затворен, што речиси целосно го запре регионалниот сообраќај. Иако дел од линиите се обновени од компании како Etihad Airways, Qatar Airways и Flydubai, ризикот од напади со дронови и ракети и натаму предизвикува ненадејни промени.

Поради безбедносни причини, некои летови се претворија во вистински маратонски патувања со долги заобиколувања. Авиони од градови како Њујорк, Токио и Шангај биле пренасочени кон други аеродроми или приморани да слетаат на алтернативни локации. Во некои случаи, летови кои вообичаено траат неколку часа се продолжиле и до 20 часа.

Од крајот на февруари, откажани се десетици илјади летови кон и од Блискиот Исток. Само Emirates откажала повеќе од половина од планираните летови, додека процентот кај другите авиокомпании е уште поголем. Овие бројки јасно покажуваат колку силно конфликтот влијае врз глобалниот авио-сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни