Летонија и Литванија истапија од Отавската конвенција за противпешадиски мини

Одлуката, образложена со безбедносните ризици во регионот, им овозможува на двете балтички земји повторно да набавуваат, произведуваат и користат противпешадиски мини.

Летонија и Литванија официјално истапија од Отавската конвенција, меѓународниот договор што забранува употреба, складирање и производство на противпешадиски мини, јавува Танјуг.

Летонија од 27 декември и формално престана да биде дел од конвенцијата, потврди портпаролката на латвиското Министерство за надворешни работи, Дијана Еглите. Таа објасни дека одлуката стапила во сила шест месеци откако Рига, на 27 јуни, му доставила официјален документ за истапување на генералниот секретар на Обединети нации.

Со тоа, од 27 декември 2025 година, Летонија повторно стекнува право да набавува, произведува и користи противпешадиски мини, што претставува значителна промена во нејзината одбранбена политика.

И Литванија донесе идентична одлука за повлекување од Отавската конвенција, наведувајќи дека актуелната безбедносна ситуација во Источна Европа и близината до зоните на конфликт бараат поширок спектар на одбранбени средства. Властите во Вилнус нагласуваат дека одлуката е донесена во контекст на зголемените регионални закани и потребата за зајакнување на националната одбрана.

Отавската конвенција беше усвоена во 1997 година и има за цел целосно елиминирање на противпешадиските мини поради нивното долгорочно и неселективно влијание врз цивилното население. Истапувањето на две членки на Европската Унија и НАТО повторно ја отвори дебатата за рамнотежата меѓу хуманитарните обврски и безбедносните потреби во услови на воени тензии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни