Во најновата видео-анкета на „Внимание“ ги прашавме граѓаните што мислат за старото прашање кое се повторува секоја есен и пролет – дали треба да се укине менувањето на времето. Одговорите беа искрени, духовити и речиси едногласни: „Не, доста е, нека си остане така!“
„Дефинитивно не, затоа што губиме дел од сончевите саати“, ни рече една соговорничка, додека друг додаде: „Нека си остане така, 24/7, 365, пак работиме.“ Имаше и такви што одмавнаа со рака: „Мислам дека е неважно, времето си тече исто, само ние се нервираме.“
Поголемиот дел од анкетираните признаа дека менувањето на стрелките им создава збунетост и замор, особено на првиот ден по промената, кога не знаат дали стануваат порано или доцна. Некои дури предложија Македонија трајно да остане на летно време, бидејќи „тогаш денот е подолг, а расположението подобро“.
Иако Европа сè уште не постигна консензус околу тоа, на улиците во Скопје барем една работа е јасна: луѓето сакаат повеќе сонце и помалку менување на стрелките.
Погледнете го целото видео на TRN.mk и на YouTube – и кажете ни во коментар: Ти што мислиш, треба ли да се укине менувањето на времето?