Летното кино на МСУ за 2025 година го претставува филмскиот фестивал насловен „Има ли пустина среде градот?“, од 10 до 17 јули, кој се движи низ урбаните пејзажи и областите на гентрификација што постојано се менуваат, (шпекулативниот) урбанизам, недвижностите и туристичката индустрија во услови на глобален капитализам. Филмовите истражуваат како ваквите феномени ги обликуваат градските пејзажи и им нанесуваат лузни, претворајќи ги градовите во места во кои луѓето се натпреваруваат за просторот.
Филмската програма ги спојува нишките што ги поврзуваат висококатниците, постојано растечките трговски центри и хотели, оградите, скелињата, бојата и пукнатините во ѕидовите, фабриките од модерноста и нивните урнатини со животите на оние што се засегнати од урбаните промени и коишто учествуваат во нив во Бејрут, Шангај, Перник, Лисабон, Атина, Марсеј, Хаора и на други места.
Избраните филмови се и документарни, секој во различна мера. Тие ја следат „сеизмичката“ гентрификација и туристификација, но и формите на отпор или преживување во градовите што се преобразуваат во огромни преноќишта за посетители.
Се занимаваат со осиромашувањето и прекарното вработување во градежништвото и во туризмот, со дискриминацијата, раселувањето и затвореноста во ограничен простор. Внимателно ја испитуваат естетиката и материјалноста на феномените што ги снимаат, преку звук, градски пејзажи и пронајден материјал.
Паралелно со процесите и политиките на сеќавање и заборавање во јавните простори, филмовите се осврнуваат и на прекинати, честопати интимни, сеќавања на други места, времиња и луѓе. Кои се секојдневните реалности отаде реториката на напредок, удобност и експанзија? Како глобалниот капитализам ги гради – и ги разградува – градовите во коишто живееме? Како ги преобликува урбаните пејзажи, трудот и секојдневниот живот?
Во прилог, програмата на летното кино:
ШАНГАЈ, АТИНА, ЛИСАБОН
10/07/25 / 20.30-21.40
ШАНГАЈ
Премин • Ди Ху • Кина • 2016 година • 11 мин АТИНА
Заспан град • Димитра Кондилату • Грција • 2023 • 10 мин ЛИСАБОН
Терамотуризам • Ротација налево• Португалија • 2016 • 43 мин
МАРСЕЈ, БЕЈРУТ
15/07/25 20.30-22.30
МАРСЕЈ
Среде градот имаше пустина • Јоаким Гати и Гаел Марсо • Франција • 2019 • 13 мин БЕЈРУТ
Вкус на цемент • Зиад Калтум • Сирија, Обединети Арапски Емирати, Германија, Либан, Катар • 2017 година • 85 мин
ЊУЈОРК, ХАОРА, ПЕРНИК
17/07/25 20.30-23.00
ПОРТИТЕ НА ФАБРИКИТЕ
Работниците ја напуштаат фабриката • Харун Фароки • 1995 • 36 мин
Филмот љубезно го понуди Гете институтот во Скопје ЊУЈОРК, ХАОРА
Излиени во Индија • Наташа Рахеја • Индија, САД • 2014 • 26 мин ПЕРНИК
Пукнатини • Димитра Кофти • Германија • 2018 • 55 мин