Летната школа „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“

Вчера во организација на Факултетот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје, почна втората сесија на летната школа „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ во Лазарополе, Општина Маврово и Ростуше.

Основната цел на школата е лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Оваа сесија на летната школа се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и инетрпретација на интердисциплинарно уметничко дело.

Одржувањето на Летната школа во рурална планинска средина е во согласност на потребите на сесијата, која што за почеток треба да има одново запознавање со тишината. Имено, последица на живеењето и работењето во современата урбана средина доведува до промена на човековите референци за тивко и тишина, поими и феномени кои што треба да ги редефинираме за да, меѓу другото, разбереме и колкаво е „звучното загадување“ за кое што сме помалку или повеќе несвесни.

Со запознавањето на некои воведни поими и содржини од психоакустиката, со цел за подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина, како и на одредени поими од физиката на звукот, учесниците ќе се запознаат со поимот „шум“ и спектрален состав (боја, карактер) на звукот/шумот со цел за посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови кои што не опкружуваат во секојдневието и значењето на истите во нашето (акустичко) разбирање на околината и нашето функционирање во истата.

Учесниците ќе имаат можност да се запознаат, теориски и практично, со начинот на работа на уредите за снимање на звук, пред се на микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас, како и со основни техники на обработка, миксање и монтирање на звук/шум во соодветно софтверско решение. Со ова, учесниците ќе бидат подговтвени да почнат да размислуваат за звукот и звучните феномени како на елементи коишто може да ги употребат во/за создавање на звучни слики и амбиентални звучни пејсажи како сомостојни уметнички дела но и комплексни уметнички инсталации во кои звукот игра значајна улога.

Предавачи се Дориан Јовановиќ, Роберт Јанкулоски, Гоце Наневски и Доротеј Нешовски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни