Здружение за едукативен развој – Еквалис, отвара повик за учество на Летна школа за квир млади и стрејт/цис-родови млади сојузниц(чк)и, асо наслов „Дијалог, сојузништво, акција“.
Летната школа која e наменета за LGBTQ+ млади, како и стрејт и цис-родови млади кои се гледаат себеси како сојузниц(чк)и на LGBTQ+ заедницата, ќе се одржи во Кратово од 04 до 09 јули и е отворена за млади од 16 до 30 години од територијата на целата држава.
„Оваа Летна школа е исчекор кон градење простор кој е базиран на разбирање на реалностите на LGBTQ+ младите, отворање на теми кои се сметаат за контроверзни во формалните образовни контексти, демистифицирање на невистини поврзани со LGBTQ+ младите, отворено споделување и можност да се биде ранлив/а преку поддршка и под супервизија на психотерапевт, како и потенцијалот таа ранливост да ја искористиме за нешто што нè спојува, наместо да нè разединува“ , објаснуваат од Еквалис.
Програмата е целосно базирана на методите на неформално образование, при што учењето е преку интерактивни вежби, симулации, вежби за интроспекција, но и поширока анализа на хомофобичните и трансфобични општествени појави, како тие влијаат врз животите на младите квир луѓе и како истите може да ги менуваме.
„Оваа школа претставува простор за градење на сојузништво. LGBTQ+ младите луѓе имаат потреба од сојузниц(чк)и. Оние млади кои се стрејт и цис-родови треба активно да застанат покрај своите врсниц(чк)и и да бидат нивни сојузниц(чк)и, наместо агресори. Целта на оваа школа е да создаде мрежа на квир млади и стрејт, цис-родови млади кои понатаму ќе дејствуваат како важни двигател(к)и на промената на општествените ставови за прифаќање на LGBTQ+ заедницата во нашата држава“ велат од Еквалис.
Летната школа се одржува во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од USAID North Macedonia, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ, а во партнерство со ХЕРА, Хелсиншки комитет за човекови права и Здружение за едукативен развој – Еквалис