Лешница – нашата мала Швајцарија

На празничниот 2 август, стотина планинари од сите страни на Македонија ѝ се придружија на турата кон алпската долина Лешница – една од највеличествените природни убавини на Шар Планина. Организатор на оваа мотивирачка акција беше Планинарскиот клуб „Љуботен“, кој токму годинава одбележува голем јубилеј – 100 години од своето постоење и 70 години од првиот Илинденски слет што традиционално се организирал на Лешница.

Туристичката тура беше беспрекорно организирана, со внимание на секој детал. Планинарите денот го почнаа со заеднички доручек на Бачило: вкусни мекици и домашно сирење, со што топлината на заедништвото веднаш се почувствува во воздухот. По кратката пауза, патеката продолжи кон Горна Лешница, каде што веќе чекаа дрвени маси под сенките на буковата шума, како и освежување од страна на организаторите.

Додека дел од планинарите одлучија тука да си земат здив, една друга, авантуристичка група се упатије кон природната атракција на регионот — *Кривошијскиот водопад, или познат уште како *Горно Цкало. Сместен на 1,880м надморска височина, овој водопад со пад од 14 метри сече низ каменест терен и создава магична глетка, особено кога сончевите зраци преку капките создаваат виножито. Ледената, но кристално чиста вода значеше освежување за сите храбри кои се осмелија да ја допрат.

Целата тура вклучуваше 23 километри пешачење, со елевација од 700 метри во еден и 900 метри во другиот правец. Патот беше разновиден — од тревести патеки, преку каменливи делници, до стрмни удолници. По целата патека, природата почести со *диви малини, јаготки и боровинки, во нивниот најслаток период на зреење, и изобилство извори со најчиста планинска вода. Секоја голтка беше награда.

За време на целата тура, постојано беше присутна медицинска екипа и џип кој се движел по паралелен пат во близина, со цел да се обезбеди безбедноста и поддршката на сите учесници.

Посетителите имаа ретка можност да ја почувствуваат вистинската енергија на Лешница – долина поткрепена меѓу врвовите Среден Камен, Плат, Титов Врв и Бакардан, богата со иглолисна и букова шума, глацијални езера, стрмни падини и уште познати природни феномени. Лешничка Река, како десна притока на Пена, е дел од овој врежан предел кој го освојува срцето на секој посетител.

Речиси до пред неколку години, Лешница беше дестинација позната само за искусни природољупци, ловџии и дрвосечачи. Но со проширувањето на шумскиот пат и се поголемото интересирање од страна на планинарите, велосипедистите и алпинистите, денес таа е вистинска планинарска полифонија на ентузијазам, капење во водопади и истражување недопрена природа.

Не случајно, многумина ја нарекуваат *„нашата мала Швајцарија“. И тоа не само поради нејзиниот алпски пејзаж, туку поради *неспоредливото чувство на слобода, тишина и величентвеност што Лешница го нуди. Со вакви иницијативи, како оваа организирана од ПК Љуботен, се оживуваат традициите, се потсетуваме на вредноста на природата, но и се гради заедништвото.

Лешница не само што треба — таа мора да стане заштитено природно богатство на Македонија. А секое ново чекорење по нејзините патеки не е само прошетка, туку благослов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни