„Нема простор за принципи” Ленче Ристоска поднесе оставка од обвинителството

Обвинителката која ги гонеше случаите „Талир 1 и 2″ против ВМРО-ДПМНЕ поднесе оставка откако Советот ги отфрли нејзините претставки, а државниот обвинител ги одзеде овластувањата за предмети во завршна фаза, одлуки кои таа ги нарекува директен удар врз независноста на обвинителството.

Обвинителката Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, откако Советот на јавни обвинители ја отфрли нејзината претставка за напад врз интегритетот, а државниот јавен обвинител ги повлече нејзините овластувања за клучни предмети против висока корупција во завршна фаза.

Ристоска посочува две конкретни одлуки како непосредна причина за оставката. Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност. Истовремено, државниот јавен обвинител донел одлука за повлекување на нејзините овластувања за застапување во предмети кои се наоѓаат во завршна фаза. Ристоска оценува дека овие одлуки носат конкретни ризици за исходот на предмети поврзани со висока корупција и криминал.

Години опструкции: притисоци, сведоци, предмети во фиока

Во јавната изјава, Ристоска потсети на образецот на опструкции со кој се соочувала во текот на кариерата — влијанија врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија и чување предмети во фиока до нивно застарување. Сепак, наведува дека ниту едно од тие дејствија не ја натерало да се откаже од своите заложби.

„Талир 1 и 2″ — предметите кои ѝ нацртаа мета на грбот

Во изминатиот период Ристоска беше под интензивен притисок од власта, пред сè поради тоа што ги застапуваше предметите „Талир 1″ и „Талир 2″, поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Токму овластувањата за овие и слични случаи во завршна фаза се дел од она што државниот јавен обвинител одлучи да ѝ го одземе.

„Нема простор за работа надвор од политички влијанија”

Ристоска изјави дека обвинителската функција отсекогаш ја доживувала како позив, не само работно место, и дека сакала своите заложби да ги заокружи преку кандидатура за државен јавен обвинител, со визија за институција која работи во јавен интерес. Бидејќи не гледа простор за работа во согласност со тие принципи, денеска поднесе оставка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни