Македонскиот филм „Лена и Владимир“ ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на 13 тото издание на Julien Dubuque International Film Festival во САД
Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF) ги објави своите победници, a „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја однесе дома главната награда за најдобар долгометражен игран филм.
Филмот е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување.
На фестивалот, кој се одржа од 24 до 28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
Фестивалот е признат како еден од врвните настани од ваков вид, добивајќи место на листата на MovieMaker „50. филмски фестивали вредни за влезница во 2024“ и е меѓу топ 100 најдобро рангирани фестивали на FilmFreeway.com.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).