Новата влада на повторно именуваниот француски премиер Себастијен Лекорни денеска ќе ја преземе функцијата, во време на сè поголем притисок итно да се изготви буџет и да се смират политичките превирања кои ги загрижуваат компаниите и инвеститорите и го нарушуваат угледот на земјата, пишува France 24. Се наведува дека Лекорни утре треба да се појави пред пратениците со предлог-буџет.
По именувањето на 34 министри во новата влада, Лекорни сега ќе мора да прави компромиси за да избегне гласање за недоверба во парламентот.
Францускиот премиер го именуваше Роланд Лескир, близок сојузник на претседателот Емануел Макрон, за нов министер за финансии. Најзначајната промена во составот на владата, во однос на претходниот состав кој траеше само 14 часа, е именувањето на шефот на париската полиција, Лоран Нуњез, за министер за внатрешни работи, како и Жан-Пјер Фарандо за министер за труд и солидарност.
Во новата влада на Лекорни, на своите функции ќе останат: министерот за Европа и надворешни работи Жан-Ноел Баро, министерот за правда Жералд Дарманен, министерот за економија Роланд Лесир и министерката за култура Рашида Дати.
Новата министерка за вооружени сили, Катрин Вотрен, во претходната влада на Лекорни беше задолжена за ресорот труд, здравство, солидарност и семејство. Наима Мучу, наместо функцијата министерка за дигитални технологии и државна служба, сега ќе го води Министерството за прекуморски територии.
Лекорни се сретна со Макрон во неделата за да го договорат конечниот список на министри.
Според француските медиуми, премиерот утре попладне треба да се обрати пред парламентот.
Социјалистичката партија го повика Лекорни да ја повлече контроверзната пензиска реформа од 2023 година, со која старосната граница за пензионирање беше зголемена од 62 на 64 години.
Од француската влада соопштија дека нацрт-буџетот за 2026 година треба да биде усвоен во вторник наутро, со целен дефицит под пет проценти, наведува France 24.