Меѓународната хуманитарна организација „Лекари без граници“ повика на итно затворање на Хуманитарната фондација за Газа, која ја поддржуваат САД и Израел и која работи во Појасот Газа.
Аргумент за таквото барање е тоа што пунктовите на Хуманитарната фондација за Газа за дистрибуција на храна станале места на „организирано убивање и дехуманизација“.
Во објава на социјалните медиуми, организацијата „Лекари без граници“ денеска наведе дека во своето речиси 54-годишно работење, ретко биле сведоци на такво систематско насилство врз невооружени цивили, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
„Пунктовите на фондацијата во Газа, наместо да обезбедуваат помош, станаа места на страдање за гладните луѓе“, се вели во соопштението на организацијата.
Во нов извештај, заснован на медицински податоци, сведоштва од пациенти и изјави од лекари од две клиники на „Лекари без граници“ во јужна Газа, се посочува дека постои шема на насочено и неселективно насилство од страна на израелските сили врз Палестинците собрани на контролните пунктови на фондацијата.
Според податоците од извештајот, во периодот од 7 јуни и 24 јули 2025 година, двете клиники примиле 1.380 повредени лица, вклучувајќи 28 смртни случаи.
„Поради очајната потреба од храна, семејствата често испраќаат тинејџери да ја преземат помошта, бидејќи тие се единствените во куќата кои се доволно физички способни тоа да го направат“, велат од „Лекари без граници“.
Организацијата наведува дека контролните пунктови на фондацијата се лабораторија на суровост која мора веднаш да се запре.
„Деца погодени во гради додека се обидуваат да дофатат храна. Луѓе згмечени и задушени во стампедо. Цели групи луѓе изрешетани на местата за дистрибуција на помош“, изјави Ракел Ајора, генерален директор на организацијата.
„Лекари без граници“ бара итно прекинување на програмата на Хуманитарната фондација за Газа, обновување на механизмот за испорака на помош координиран од Обединетите нации и прекинување на целата политичка и финансиска поддршка за фондацијата.