Данската компанија Lego го суспендираше проектот за производство на популарните коцки од рециклирани материјали односно од пластични шишиња за пијалоци наместо како замена за вообичаената пластика што ја користат, а која се добива од нафта. Според соопштението за јавност, компанијата се решила на овој потег поради тоа што процесот на реупотреба на ПЕТ (PET) амбалажата не донел никакви промени во поглед на јаглеродните емисии што се испуштаат при целокупната изработка на производот.
Потегот следува две години откако најголемиот светски производител на играчки, Лего го претстави првиот прототип на коцка изработена од ПЕТ пластика, и се фокусираше на истражувања за користење на поодржливи материјали како дел од глобалната борба против климатските промени и за намалување на јаглеродните емисии.
На годишно ниво, данската компанија изработува околу 60 милијарди Лего-коцки. Околу 80% од нив содржат ABS, акрилонитрил бутадиен стирен, пластика добиена од нафта која вообичаено се користи и за производство на компјутерските тастатури и за автомобилските ентериери. Вообичаено, потребни се околу 4,4 килограми нафта за производство на 2,2 килограми пластика. Во 2021 година компанијата почна да ги истражува можностите за премин кон рециклиран полиетилен терефталат (ПЕТ) од акрилонитрил бутадиен стирен (ABS), за чие производство се потребни околу 2 килограми нафта за 1 килограм пластика.
Данскиот производител на играчки си постави цел до 2050 година да стане CO2 неутрален, при што за почеток планира да постигне намалување на емисиите до 37% во периодот од 2019 до 2032 година. За таа цел планира да потроши неверојатна сума од 1,2 милијарди американски долари во следните четири години.
Лего веќе инвестираше повеќе од 1 милијарда американски долари во јаглеродно неутрална фабрика која ќе вработи речиси 2000 луѓе во округот Честерфилд во Вирџинија. Според плановите од проектот што беа објавени минатата година, сите секојдневни енергетски потреби на оваа фабрика треба да бидат подмирени од соларниот парк во склоп на објектот. Сличен потег има и со нивната фабрика во Виетнам, која треба да започне со производство во текот на идната година.
Во 2019 година, Лего лансираше кампања на ниво на САД и Канада, за нивните клиенти да ги донираат своите стари лего коцки, кои потоа се чистат и сортираат пред да бидат донирани на деца од семејства со ниски приходи.
Извор: euronews.com