ЛЕГО има таен трезор во кој се чува скоро секој сет што некогаш бил произведен

Дали знаевте дека LEGO има таен подземен трезор во кој се чува речиси секој сет во историјата на компанијата? За љубителите на LEGO од сите генерации, ова звучи како вистински рај – место каде се чуваат сетовите од детството, па дури и оние што одамна не се произведуваат.

Историјата започнува во 1932 година, кога данскиот столар Оле Кирк Кристиансен почнува да изработува дрвени играчки во неговата работилница во малото гратче Билунд. Поради недостиг на дрво по Втората светска војна, во 1947 година тој набавува машина за инјекциско обликување пластика, а веќе во 1949 се појавуваат првите „автоматски поврзувачки коцки“ – претходници на денешните ЛЕГО коцки. Името LEGO доаѓа од данскиот израз leg godt, што значи „убаво играј се“.

И покрај тоа што фабриката изгорела двапати, Кристиансен со помош од семејството, пријателите и вработените секогаш успевал да ја обнови. Денес, оригиналната семејна куќа и старата работилница сè уште постојат и се дел од комплексот LEGO Idea House во Билунд. Под токму оваа куќа се наоѓа и тајниот трезор – скриен зад врата што изгледа како обична полица со кутии.

„LEGO Idea House се состои од неколку згради: семејната куќа на основачот, старата столарска работилница и првата административна зграда на компанијата, наречена ‘System House’“, објаснува корпоративниот историчар Кристијан Рајмер Хауге. „Тоа е местото каде што настанала LEGO како бренд.“

Што се чува во трезорот?
Во трезорот има над 8.000 различни сетови, од кои најстарите датираат од 1960-тите години. Но, овој простор не е отворен за јавноста. Може да го посетат само гости со деловно релевантна причина. За останатите фанови, останува утехата што на YouTube каналот Beyond the Brick може да се погледне виртуелна тура низ оваа неверојатна колекција.

Иако веројатно никогаш нема да стапнеме во таа скриена LEGO ризница, самото сознание дека постои место каде се чуваат речиси сите LEGO сетови некогаш направени – ни го прави светот малку помагичен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни