Легендарниот бриселски техно клуб „FUSE“ во Скопје

За нас е навистина интересно да се поврземе со техно културата во Македонија, да бидеме тука и навистина да го почувствуваме тоа. И да, чест ни е да имаме неколку настапи овде

Минатиот викенд клубот „Epicentar“ ја објави најзначајната клупска соработка во историјата на македонската електронска музичка сцена со бриселскиот техно клуб FUSE, глобалниот лидер на андерграунд денс сцената. Како срце на музичката сцена во Брисел, FUSE кој е основан во 1994 година, ужива статус на културно наследство благодарение на својот углед и влијание низ Европа и светот. Клубот ги надмина сите промени и трендови во музичката индустрија, останувајќи верен на класичното техно и хаус музика, и продолжува да создава простор каде звукот, културата и заедницата пулсираат заедно. Од своето основање, FUSE ги гостирал легендите како Laurent Garnier, Aphex Twin, Carl Cox, Sven Väth, Carl Craig, The Orb, Jeff Mills и Dave Clarke, играјќи клучна улога во ширењето на техното низ светот. Нивниот тридецениски пат е документиран во книгата “30 Years of Making Noise” од Koen Galle, која ги опфаќа 352 страници од историјата на клубот, каде се препознаваат генерации на DJ-и и артисти кои сè уште ги чуваат FUSE класиците во своите колекции.

Па панел-дискусијата која викендов се одржа во Makka Bar, имавме можност да разговараме со Steven Van Belle, арт директор на FUSE и со Sofie Demeulemeester, организаторот на настани со кои зборувавме за историјата на FUSE, нивната програма, издавачката куќа со бројни техно класици, организацијата на XRDS Festival, како и културниот и ноќниот живот во Брисел. Зборувавме и за предизвиците со кои се соочува FUSE денес и за плановите за иднината, но и за техно сцената во Скопје.


– FUSE се наоѓа во историскиот кварт на Брисел де Марол и тоа е е културно место повеќе од 100 години. Порано беше театар и кино, а од 1994 година е најстариот техно клуб во Белгија. Во изминатите години се фокусиравме главно на техно, но правиме секаков вид електронска музика и  од минатата година бевме признати како културно наследство од градот Брисел, што е неверојатен чекор за нас и за сите клубови во Белгија, вели Стивен за Трн.

Steven Van Belle

Белгија, објаснува тој, има многу голема историја во електронскат музика. Во 90-тите години на минатиот век, секој мал град во Белгија имал свој клуб или повеќе клубови и луѓето доаѓале од цела Европа, од Холандија, од Франција, од Берлин за да се забавуваат во Белгија.

-Но, во еден момент тоа повеќе не и се допадна на власта и ги затворија сите клубови и изгубивме многу од нашата историја и нашето значење во електронската музика. Но, денес во 2025, повторно движењето е навистина силно. Повторно има многу клубови, има нови колективи, има многу добри млади диџеи, добри продуценти и  навистина е интересно. Луѓето повторно доаѓаат во Белгија на фестивали, по клубови, на забави. Сцената е многу разновидна. Таа е геј пријателска и квир пријателска. Така што е многу интересно – вели Стивен.

Техно сцената во Скопје му е позната преку DJ Стојче, од кого слушал за како што вели неверојатната историја овде и за љубовта кон Детроитското техно и сите неверојатни диџеи од Лоран Гарние и Крег Ричардс кои свиреле во Скопје.

-За нас е навистина интересно да се поврземе со техно културата во Македонија, да бидеме тука и навистина да го почувствуваме тоа. И да, чест ни е да имаме неколку настапи овде- вели Стивен.

За балансот помеѓу етаблираните уметници и новата млада генерација која е во подем, зборувавме со Софи.

Sofie Demeulemeester

-Секогаш е важно да се комбинираат историски, убави, добро реномирани техно уметници и да се вклучат и нови таленти што се појавуваат во сцената во Белгија. Мора да биде добар балансот меѓу луѓето кои веќе се таму некое време и новата генерација што доаѓа. Затоа, секогаш треба да најдете рамнотежа меѓу двете. Тоа и се допаѓа на публиката. Секогаш треба да внесувате нови работи, да внесувате нови музички имиња за луѓето да го прошират својот вкус. И тогаш ги имате и уметниците, етаблираните уметници кои се таму многу, многу години – објаснува Софи.

А како клубот се справува со новата дигитална ера, со он лајн настаните и каде е иднината на клабинот во новото време кое доаѓа?

-Дали дигиталното искуство ќе стане поголем дел од иднината? Да секако. Но, за уметниците тоа е исто така важно. Мислам дека има и добри и лоши страни. Но, социјалните медиуми можете да ги гледате како нешто што ве принудува да го користите, но исто така дава поголема платформа за промоција на луѓето. Претходни да требаше да дистрибуирате флаери преку продавници за плочи, мислам дека сега тоа го правите преку социјалните медиуми, исто така тие им помагаат на уметниците побрзо да се запознаат. Така што мислам дека е позитивно, но ќе се најде рамнотежа. На пример, ако сте на подиумот, претпочитам да немаме камери вперени кон вас и да можам да уживам во музиката 100%. Но, за кариера во денешно време тоа може да помогне – вели Софи.

Ја прашавме која е пораката која би сакала да ја испрати кон младите кои ја сакаат техно музиката и ја глеадаат својата иднина во неа.

-Ако некогаш сонувате да направите нешто во ноќниот живот, би рекла не двоумете се. Само направете го тоа. И ако сте страствени, работите ќе ви дојдат на овој или оној начин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни