Бројот на легални абортуси во Полска се удвоил во текот на 2024 година, соопшти Советот на Европа, додавајќи дека во последниот период речиси и да нема жалби до Европскиот суд за човекови права поради одбивање на прекин на бременост врз основа на таканаречената „клаузула на совеста“.
Полска, која е претежно католичка земја, воведе речиси целосна забрана за абортус во 2021 година, кога тогашната националистичка влада го укина правото на прекин на бременост во случаи на фетални аномалии, прогласувајќи ја таа можност за неуставна.
Проевропската коалиција на премиерот Доналд Туск победи на изборите во 2023 година, делумно и со ветување дека ќе ги ублажи строгите ограничувања за абортус. Сепак, владата досега не успеала да постигне договор за нов закон.
Полскиот претседател Карол Навроцки најави дека би можел да стави вето на секој обид за либерализација на правото на абортус. Наместо законски измени, владата на Туск презеде чекори за подобра примена на постојниот закон.
Во таа насока, до болниците и обвинителствата беа испратени препораки со кои се појаснува дека абортусот е легален доколку е поврзан со менталното здравје на жената. Истовремено, нагласено е дека сите болници се должни да ја обезбедат оваа процедура.
Комитетот на министри на Советот на Европа, кој ја следи примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, соопшти дека мерките на полската влада „се чини дека даваат резултати во пракса“.
Сепак, комитетот изрази жалење што нема напредок во донесувањето закон што би обезбедил сигурен пристап до прекин на бременост.
Според податоците на полското Министерство за здравство, во 2024 година во полските болници биле извршени речиси 900 легални абортуси, додека во 2023 година биле регистрирани 425.
Во првата половина од 2025 година биле извршени 411 легални абортуси, додека податоци за целата година сè уште не се објавени.
Пред заострувањето на законот во 2021 година, во Полска годишно се вршеле повеќе од илјада абортуси, а речиси сите случаи биле поврзани со фетални аномалии.