Легализацијата на канабисот во Германија: европска дилема?

Германија е третата земја од ЕУ којашто го легализираше канабисот, што предизвика дебата низ Европа

Минатата пролет, стотици луѓе се собраа пред Бранденбуршката порта во Берлин за да ја прослават легализацијата на рекреативната употреба на канабис во Германија.

Целта на законот е да се спротивстави на растечкиот незаконски пазар во Европа, иако некои стравуваат дека ќе ја поттикне потрошувачката на канабис кај младите.

Германија е третата земја од ЕУ којашто го легализираше канабисот, што предизвика дебата низ Европа.

Канабисот е најкористената недозволена дрога во Европа – речиси една третина од возрасните пробале барем еднаш. Додека поседувањето и консумирањето се нелегални во повеќето земји, девет толерираат одредени практики, а канабисот е легален под одредени услови во Луксембург, Малта и во Германија.

Легализацијата на канабисот во Германија отвора и перспективи за пазарот на медицински канабис.

„До април ни беше дозволено да одгледуваме само две сорти на растенија, избрани од владата, кои моравме директно да им ги доставиме. Сега сме слободни да произведуваме нови сорти кои повеќе не мора да ги продаваме на државата, туку можеме директно да ги продаваме на аптеките и на пациентите“, објаснува Адријан Фишер, ко-основач на Demecan, еден од најголемите производители на медицински канабис во Европа

„Пред легализацијата, препишувањето медицински канабис во Германија беше многу тешко. И тоа веќе не е случај. Видовме раст на пазарот од речиси 50% од еден квартал до друг во Германија“, додава Фишер.

Легализацијата придонесе и за развој на клубови за канабис и непрофитни здруженија, коишто се единствените овластени да дистрибуираат рекреативен канабис.

„Корисниците мора или сами да го одгледуваат или да се приклучат на овие клубови кои се високо регулирани и не смеат да заработат пари“, објаснува Адријан Фишер.

Проектот за создавање специјализирани и контролирани продавници, планиран во првичната верзија на новиот закон, беше напуштен поради европските регулативи кои забрануваат трговија со дрога

,,Европската регулатива е законодавство што заслужува да се разјасни“, смета Адријан Фишер, повикувајќи на заеднички европски правила и за користењето на медицински канабис и за рекреативната употреба.

,,Економските придобивки од регулираната легализација на рекреативниот канабис, во форма на даночни приходи, се исто така дел од тековната дебата”, забележува Брендан Хјугс, адвокат во ЕУДА, европската агенција за дроги. Но, акцентот е повеќе на контрола на квалитетот на производот, подвлекува научникот.

„Безбедноста е нешто што Европа го поставува многу повеќе од идејата за заработка“.

Дебатата е во тек во повеќе земји од Европската Унија.

Сепак, експериментот спроведен во Германија би можел да биде краткотраен.
Конзервативните партии, кои се фаворити за изборите идниот февруари, изјавија дека имаат намера да го отповикаат законот за регулирана рекреативна употреба на канабисот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни