„Леди Магбет“ на Рисимкин ја освои Верона

Со огромни аплаузи и одушевување, пред полн аудиториум, беше проследена претставата „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин во изведба на Скопје танцовиот театар на сцената на театарот „Камплој“ во Верона на 29 август, како дел од програмата на Верона Шекспир Фринге фестивалот.

Познавачите на Шекспир и неговото творештво, како и публиката беа маѓепсани од начинот на кој беше презентирана идејата за Лејди Магбет, кореографијата, музиката и комплетната визуелизација на претставата. Посветеноста и извонредноста на изведувачите ја фасцинираа публиката, која на крајот ги награди со огромни аплаузи и овации.

На сцената настапија Анастасија Данчевска како Лејди Магбет, Дејан Битровски како Магбет, Бобан Русески како Алтер его на Лејди Магбет, Сара Цветковска како Алтер его на Магбет, танчери на Скопје танцовиот театар и Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Клара Христовска и Јоана Благадуша, студенти не Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев’ кои преку проектот „УГД – Чекор кон светот“ се дел од претставата

Компанијата доби понуди за идни соработки, а можности се отворија и за соработка помеѓу универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот на Верона.

„Многу сме среќни од приемот и од одушевеноста која публиката ја покажа по изведбата на претставата. Драго ми е дека Скопје танцовиот театар повторно воспоставува мостови, ја презентира нашата земја на највисоко ниво и покажува извонредност во уметничките дострели. Сите танчери имаа брилијантност во изведбата, со голема посветеност кон својата професија и покажаа голем квалитет како уметници. Се радувам на идните можности и соработка“, изјави Рисима Рисимкин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни