За време на Велигденските празници, од 9 до 12 април, Македонија ќе биде зафатена од значително постуден бран што се спушта од север и североисток на Европа. Според прогнозата, времето ќе биде променливо и осетно постудено, со повремено засилен до силен северен ветер, особено во Повардарието и во источните делови од земјава.
Во делови од државата ветерот повремено ќе достигнува брзина и до 60 километри на час, а до крајот на денешниот ден, 8 април, на некои места во Повардарието и на истокот се очекуваат удари и до 70 километри на час.
Во текот на празничните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а локално ќе има услови и за слабо проврнување дожд. На повисоките места и на планините над 1000 метри надморска височина се очекува и слаб снег, особено во источните предели.
Во Скопје и околината, исто така, се очекува постудено време со сончеви периоди и повремено засилен северен ветер, кој на места би можел да достигне брзина од 60 до 70 километри на час.
На самиот ден Велигден, 12 април, времето се очекува да биде претежно сончево, но утрото ќе биде значително студено. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Најголемата загриженост сепак доаѓа од ниските утрински температури. За време на празниците и на Велигден, во повеќе делови од Македонија се очекува појава на слаб мраз, што може да создаде проблеми за овошките кои веќе се во фаза на цветање. Утринските температури ќе се движат од минус 4 до 5 степени, додека во Скопје се очекува да се спуштат до околу 2 до 3 степени.
И дневните температури ќе останат под просекот за април. Максималната температура во земјава ќе се движи меѓу 8 и 15 степени, а во Скопје се очекува да достигне околу 15 степени.