Само четити дена пред првиот олимписки натпревар, новата арена за хокеј на мраз во Милано сè уште е активна градилишна зона. Иако треба да биде еден од клучните објекти на Зимските олимписки игри 2026, арената „Милано Сантаџулија“ не е целосно подготвена, што отвора сериозни прашања за организацијата и безбедноста на натпреварите.
Посетата на Би-би-си Спорт на арената во саботата открила простор исполнет со градежен материјал и отпад, и внатре и надвор од објектот со капацитет од 11.800 седишта. Повеќе пристапни патишта околу арената се сè уште затворени, а внатрешноста е далеку од финализирана – ложите за гости, угостителските простори и прес-центарот не се довршени, додека лифтовите и тоалетите сè уште се покриени со заштитна пластика.
Арената е планирано да биде домаќин на натпреварот меѓу Италија и Франција во женска конкуренција на 5 февруари, како и на финалните натпревари за златен медал во машкиот и женскиот турнир, во рамки на Олимписките игри што ќе се одржат од 6 до 22 февруари. Иако струјата и водата се веќе во функција, значителен дел од завршните работи допрва треба да се реализираат.
Објектот е предмет на критики уште во текот на подготовките. Ледената површина, иако одобрена од Меѓународната хокеарска федерација, е пократка од стандардите на НХЛ – 60 метри наспроти пропишаните 61 метар. Ова предизвика загриженост дека може да дојде до почести и поопасни судири меѓу играчите. „Ако играчите почувствуваат дека мразот не е безбеден, нема да играат. Толку е едноставно“, предупреди заменик-комесарот на НХЛ, Бил Дејли, уште во ноември.
И покрај тоа, НХЛ соопшти дека останува посветена на учеството на Олимписките игри – првпат по Сочи 2014. Лигата изрази задоволство од тест-настанот одржан во јануари, иако натпреварите кратко биле прекинати поради потреба од итна поправка на мал отвор што се појавил на мразот.
Главниот оперативен директор на Олимписките игри Милано–Кортина, Андреа Франчиси, изрази целосна увереност дека сè ќе биде подготвено навреме. Во меѓувреме, над илјада работници работат во смени, 24 часа на ден, за да се заврши објектот. Организаторите признаваат дека нема „план Б“ доколку арената не биде готова, иако дел од женските натпревари ќе се играат во помалата, привремена арена „Милано Ро“ во рамки на саемскиот комплекс Фиера Милано.
Директорот за спорт на Меѓународниот олимписки комитет, Пјер Дикре, изјави дека очекувањето за враќањето на НХЛ-играчите на Олимписките игри е огромно и дека вложени се години напори за тоа да се реализира. Сепак, недовршената арена во Милано останува еден од најчувствителните организациски предизвици, само неколку дена пред почетокот на најголемиот зимски спортски настан.
