Западна Европа се подготвува за уште снег и мраз, додека бурата Горети напредува по атлантскиот брег и на континентот. Во Париз и северна Франција обилни снежни врнежи предизвикаа нарушувања во сообраќајот, додека се очекува југот на Велика Британија да биде најпогоден во четврток и петок.
Автобускиот сообраќај во Париз е прекинат, а властите забранија сообраќај за камиони и училишни автобуси во третина од административните области.
Сообраќајните гужви во регионот утринава достигнаа 1.500 километри, додека возовите каснеа или беа откажани поради снегот на пругите.
Холандската авиокомпанија KLM откажа 600 летови од аеродромот Шипхол во Амстердам, додека француската цивилна авијација го намали бројот на полетувања на аеродромите Шарл де Гол и Орли.
Властите им препорачаа на граѓаните да работат од дома ако е можно, додека трговските мрежи, како „Карфур“, предупредуваат на можни нарушувања во синџирите на снабдување, особено во достава на свежи производи.
Метеоролошките служби во Франција и Велика Британија издале предупредувања за мраз и снег, а патниците се повикуваат да ги следат информациите од надлежните служби.
Британската метеоролошка служба соопшти дека предупредувањата за мраз ќе останат во Шкотска, додека подоцна ќе бидат укинати во поголемиот дел од Англија и Велс.
