Во Алтамура, тивок град во срцето на Апулија, каде камените улички и средновековните ѕидини сè уште го диктираат ритамот на секојдневието, две речиси 90-годишни жени станаа симбол на нешто многу поголемо од интернет-слава. Грацијела Инкампо (89) и Тереза Калија (88), долгогодишни пријателки од детството, денес се едни од најпрепознатливите „лица“ на италијанската гастрономија на Инстаграм, привлекувајќи милиони гледачи и посетители од целиот свет.
Нивната приказна се одвива во и околу „Антико Форно Санта Катерина“, пекарница основана далечната 1307 година, сместена во историското јадро на Алтамура. Спроти малата продавница, под засводен двор со средновековен амбиент, двете нони месат тесто, подготвуваат фокача, орекиете и пармџана, но истовремено танцуваат на електронска музика, свират гитара и се шегуваат со посетителите. Токму таа комбинација на автентична традиција и спонтан хумор ја направи нивната содржина вирална.
Видеата, кои денес собираат милиони прегледи, започнале сосема ненаметливо. Џакомо Бараттини, правнук на Грацијела и автор на Инстаграм-објавите, објаснува дека сè почнало „како шега“. Откако најстарата пекарница во градот била затворена, тој и група пријатели одлучиле да ја обноват во 2023 година. За да го привлечат вниманието на јавноста, ги вклучиле двете нони, чија ведрина и животна филозофија брзо станале заштитен знак на новиот почеток.
Снимањето видеа набргу станало нивен секојдневен ритуал. „Тие секогаш се смеат, се шегуваат и ја носат пораката дека малите нешта се најважни во животот“, вели Бараттини. Таа филозофија, пренесена преку едноставни готварски демонстрации или празнични честитки, се покажала како универзален јазик што го разбираат луѓе од различни култури.
Посетителите кои доаѓаат во Алтамура најчесто првпат слушнале за градот токму преку видеата. Тие чекаат ред за да влезат во малата продавница на пекарницата, каде се продаваат само производи печени во истата дрвена печка. Кога редиците се долги, Инкампо и Калија излегуваат со тацни полни со свежо печени крекери, служејќи ги гостите додека чекаат. Многумина сведочат дека искуството е исклучително автентично – ништо не е „наместено“ за туристи.
Двете нони пораснале во селата околу Алтамура, работејќи на полињата и во семејните кујни, каде од најрана возраст ги учеле тајните на локалната кујна. Особено значајно место зазема Pane di Altamura – прочуениот леб со заштитено географско потекло. Направен од локална семолина, вода, сол и природен квасец, и печен во дрвени печки, овој леб со векови бил основна храна за земјоделците и овчарите поради својата издржливост и хранливост.
Во минатото, секое семејство го подготвувало лебот дома, а потоа го носело во заедничките печки, каде лебовите се обележувале со посебни печати за да се разликуваат. Денес, иако тие печати повеќе не се неопходни, традицијата се чува како дел од културното наследство што Бараттини и неговите пријатели сакаат да го пренесат на новите генерации.

Иако пекарницата би можела лесно да ја искористи популарноста за онлајн-продажба, сопствениците свесно се откажале од таа можност. „Не е сè во парите. Луѓето треба да дојдат тука, да го почувствуваат просторот и да го видат процесот. Само така може навистина да се разбере зошто овој леб е посебен“, вели Бараттини.
Со текот на времето, Инкампо и Калија станаа неформални амбасадорки на Алтамура, град кој долго време бил заобиколуван дури и од италијанските туристи, иако се наоѓа во близина на познати дестинации како Матера и Алберобело. Денес, благодарение на нив, Алтамура повторно оживува, но не како сценографија за социјални мрежи, туку како живо место каде традицијата, храната и човечката топлина се испреплетуваат.
Нивната приказна не е само за готвење или интернет-слава. Таа е потсетник дека културното наследство може да се зачува и пренесе и на најнеочекувани начини, преку смеа, едноставни рецепти и искрена радост. Како што често велат двете нони во видеата: „Малите нешта се добри.“ А токму тие мали нешта ја направија Алтамура голема приказна.
Извор: CNN
