Сакањето (и чекањето) e избор

Во митологијата, островот е чекање. Пенелопа ткае и расплетува додека Одисеј лута по светот. Но, дали секоја жена е Пенелопа која чека? И дали секој капетан е Одисеј? Денес островот не е само машка станица за враќање, тој е и женска точка на секој почеток. Пенелопа која денес живее на островот не е повеќе симбол на трпение, таа е симбол на животот. Љубовта за неа е радост, не жртвување. Сакањето е избор, не обврска. Островот е слобода. Морето е живот… Одисеј пак не е повеќе мит, тој е отсуство и копнеж. Недостиг. Љубов која не бара жртва. Таа и понатаму ја гледа линијата на хоризонтот,  но повеќе не во исчекување, туку како желба.  И чекори. Лесно и слободно

Островот живее со морето во годишните времиња кои се менуваат, помеѓу вечните пристигнувања и заминувања, во изменувањето на плимата и осеката и приказните кои ја плетат културата на овој мал простор полн живот. Животот е во тесните камени улици, во кујната, во женските разговори, во ткаените везови и чипки на старите чаршафи, во плетените бочви за вино, камениците за масло, сушените смокви и мирисот на лаванда и кантарион.

Избран е да биде посебен. 

Во митологијата, островот е чекање. Пенелопa ткае и расплетува додека Одисеј лута по светот. Но, дали секоја жена е Пенелопa која чека? И дали секој капетан е Одисеј?

Низ вековите мажите патувале низ светот и го носеле светот назад на островот. Градовите, пристаништата, туѓите богови и навики. Култури. Така островот станува архив на туѓи светови. Место каде се среќаваат и продолжуваат да живеат приказните.

А жените?  Тие чекале и го ткаеле животот на островот низ секојдневието кое се движело помеѓу деновите со јужен ветер и оние со бура, помеѓу сезоната на бербата на маслинки и зреење на смоквите. Низ нивниот глас се пренесувала историјата на островот, неговите радости и таги, надежи и стравови. Копнежот. Жените го обликувале островот со својата чувствителност, мудрост и упорност. Со својата издржливост и сила. Тие се оние кои го претворале секојдневието во ритуал, во поезија, во наследство… Тие го граделе животот во домот помеѓу камените ѕидови. Секоја од нив била Пенелопa која трпеливо го чека својот Одисеј да се врати.

Денес островот не е само машка станица за враќање, тој е и женска точка на секој почеток. 

Животот на островот се движи по сопствената траекторија, независно од авантурите на Одисеј.

Пенелопa денес не е само жена што чека, таа е жена што живее. Има мал ресторан или продавница за да ракотворби. Ги дочекува и ги испраќа гостите со насмевка. Станува наутро и пешачи. Собира лаванда и смокви. Чита книги. Плива. Понекогаш пишува…

Таа одамна веќе не го расплетува разбојот, туку на него ткае нови светови. Не го одложува времето чекајќи го саканиот, го исполнува со секојдневни  мали ритуали кои ги сака. Има мала градина во која сади зеленчук. Рузмарин и босилек. Понекогаш патува. Сака да плови и самата. Да истражува нови светови и да носи делови од нив дома на островот.

Таа го прави тоа што го сака, а не тоа што мора и што би се очекувало од неа. Не се бори против времето, го обликува и го исполнува со работи кои ја прават среќна. Не се плаши да биде сама.

Одисеј пак не е повеќе мит, тој е отсуство и копнеж. Недостиг. Љубов која не бара жртва.

Уморни од чекање, ние жените денес одбираме да го живееме секој момент без каење, одбираме да сакаме, да се смееме, да создававме… Одбираме љубов која е присутна и постојана. Која не храни и топли.

Пенелопa која денес живее на островот не е повеќе симбол на трпение, таа е симбол на животот. Некој кој одбира да живее во сегашноста и се радува на иднината. Љубовта за неа е радост, не жртвување. Сакањето е избор, не обврска. Островот е слобода. Морето е живот…

Таа ги поврзува световите. Копното со морето, ветерот со земјата, копнежот со љубовта. Културите. Таа е центарот кон кој постојано се враќа.  Сите заминувања и враќања се поврзани со неа.

Дали секој Одисеј мора да се врати, за животот да продолжи? Или пак, Пенелопa одамна го завршила ткаењето на минатото и тргнала да го освојува светот?

Таа и понатаму ја гледа линијата на хоризонтот,  но повеќе не во исчекување, туку како желба. 

И чекори. Лесно и слободно. Со лаванда во џебовите и морска сол и ветер во косата.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни